Супорт Солушнс – белгиски инвеститор кој донирал 25.000 евра за ДУИ: Братот на Висар Фида работи кај нас, но тој му одговара само на менаџментот на компанијата!

by Фокус 14:34
14:34

Супорт Солушнс е белгиска компанија, која се најде на листата на донатори на изборната кампања на ДУИ на изминативе парламентарни избори со донација од 25.000 евра. Како што објавува најновиот број на неделникот Фокус, оваа компанија годинава го вработила Аритон Фида, брат на поранешниот министер за странски инвестиции и актуелен директор на Агенцијата за странски инвестиции, Висар Фида. По затворањето на весникот, до нашата редакција стаса одговор од компанијата, од каде велат дека Фида е назначен за локален менаџер кој исклучиво му одговара на менаџментот на компанијата.

„Одлуката за основање на оваа компанија беше донесена во есента 2016 година, врз основа на позитивната промоција од страна на македонската амбасада во Белгија и следејќи и други успешни бизнис примери во Македонија. Дополнително, моменталниот успех и раст на бројот на вработени главно е резултат на одличното ниво на образование на младата популација во РМ. Г-динот Аритон Фида беше назначен како локален менаџер и единствено одговара на менаџментот на компанијата. Конечно, ние не сме лоцирани во слободните економски зони, па стандардниот даночен систем се применува во однос на нашата компанија. Како и да е, дозволете ми да нагласам дека вашата влада создаде привлечен режим за новите бизниси во економските зони“, стои во дописот потпишан од генералниот менаџер на компанијата Софија Ван Керцховен.

- Advertisements -

Но, овој одговор содржи една контрадикторност, бидејќи во него се наведува дека одлуката на белгиската компанија да инвестира во земјава била донесена во 2016 година, додека во Централниот регистер е регистрирана во декември 2015 година од страна на холандската Ланген Холдинг, која неколку месеци претходно, пак, била откупена од белгиската Катоен Натие. Од компанијата велат дека не користат државни субвенции предвидени за инвеститорите во слободните економски зони, но не се докрај јасни дали користеле или користат државна помош во разни форми согласно Законот за државна помош. Од Агенцијата за странски инвестиции, пак, се уште немаме одговор дали доделиле грант или склучиле договор за користење на државна помош со споменатата компанија, бидејќи ако е така, тогаш постојат индиции за судир на интереси.

В.С.

 

Поврзани новости