Супервештачењето за Ласкарци „извештачено“ по вкус на ДУИ?

by fokus

Вештакот Зекирија Зекири пак не дојде на денешното судско рочиште, па супервештачењето што се чекаше една година сега нема кој да го презентира, иако роднините на 16-те загинати четири години чекаат правда за излетувањето на автобусот на „Дурмо-турс“ кај Ласкарци.

Минатото рочиште се одложи откако Судечкиот совет информираше дека вештакот преку другите членови на тимот што го изготви супервештачењето, известил дека поради здравствени причини нема да дојде.

На денешното рочиште не дојде никој, а не се појави ни судијката Диана Груевска Илиевска која ги известила странките дека судење нема да има.

Од Кривичниот суд за „Фокус“ објаснуваат дека Зекири го информирал судот дека има неодложни болнички испитувања и дека доставил доказ за тоа.

Зекири се надева дека ќе оздрави до следниот четврток, на 16 февруари за кога е закажано следното рочиште и кога треба да одговори на прашањата на обвинителот.

Во меѓувреме во јавноста се објавија слики од Зекирија Зекири како стои на партиска говорница во политичката партија ДУИ па само се зголемија сомнежите на семејствата дека станува збор за нарачано вештачење чија цел е да ги амнестира сите обвинети и вината да ја префрли на возачот на автобусот, Маноил Трифуновски.

-Што се однесува до политичкиот аспект, нема никаква врска, ниту некој се јавил. Случајно се најдовме во таа комисија и јас прифатив, за да го откријам вистинскиот случај. Ви гарантирам дека никој не се јавил на телефон, ниту адвокатите, ниту сопственикот на Дурмо турс, а особено не директорот на Бирото за судски вештачења. Јас сум само надворешен соработник. Веќе две години имам лиценца од оваа област, изјавил Зекири за „Алсат“ иако телевизијата ги објави неговите функции во партијата.

Во 2018 година бил шеф на изборен штаб за референдумот, а во 2019 година бил назначен за шеф на кабинет на градоначланикот на Студеничани за претседателските избори, додека на „Фејсбук“ се фали дека е дел од ДУИ од нејзиното формирање.

„Фокус“ се обрати Артан Груби од ДУИ со прашање дали Зекири е член на партијата, но одговор нема.

Одговор нема ниту од Кривичниот суд како нарачател на супервештачењето ќе реагира наспремноста и стручноста на вештакот којашто ја спорат роднините на загинатите и за тоа што се појавија слики од Зекирија Зекири во политичката партија ДУИ.

Несоодветна примена на Законот за кривична постапка, констатираа и од Коалиција „Сите за правично судење“.

Тие посочуваат дека вештите лица кои го изработија супервештачењето се дополнувале меѓусебно за време на рочиштата кога биле испитувани од странките. Па така, наместо одговор да дава сведокот кој бил повикан на пултот, во хор се одговарало на прашањата.

Без разлика на бројот на вешти лица кои се вклучени во изготвување на едно вештачење (во случајот супервештачење), ваквата практика на постапување од страна на судечкиот совет при испитувањето на вешто лице е спротивна на одредбите од Законот за кривичната постапка кои го регулираат овој дел, поради повеќе причини. Најнапред, согласно одредбите од ЗКП, конкретно членот 378 вештите лица можат да присуствуваат во текот на главната расправа и да го следат судењето односно да можат да ги чујат исказите на сведоците кои ќе бидат испитани, како и да се запознаат со другите докази кои ќе бидат изведени во текот на главната расправа. Оваа одредба во ниту еден случај не значи дека тие можат да даваат одговори на прашања кои што се поставуваат на други вештаци кои се предмет на испитување, или со други зборови, законот не предвидува можност за „тимско“ одговарање на прашањата што се поставуваат за конкретното вештачење. Дотолку повеќе што согласно членот 360 од ЗКП, претседателот на судечкиот совет е должен да ги предупреди присутните во судницата да не го нарушуваат текот на расправата, па дури „може да нареди од заседанието да се отстранат лицата кои како слушатели присуствуваат на главната расправа, доколку тие и по опомената го нарушуваат одржувањето на главната расправа““.

Според роднините на загинатите, од авион се гледа дека ова е смислено сценарио од страна на вештите лица.

– Ова вешто лице во изминатите две рочишта покажа дека на најосновните прашања на обвинителството не знае да одговори. Никогаш во животот немал ваков предмет да вештачи. Две години има лиценца за вештачење, не знае да чита тахографски ленти, па како ние оштетените да веруваме дека тоа вештачење што го направило Бирото и тоа вешто лице се издржано и професионално направено, изјави Благојче Трпевски, татко на починатиот Јовица Трпевски.

Јавниот обвинител Дарко Јакимовски кажа дека концептот на испитување се темели токму на сведочењето на конкретното вешто лице и бара него да го испрашува.

Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, или не се компетентни за истото.

Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење.

Супервештачењето пристигна во Кривичен во декември. Потоа настапи формално отпочнување на процесот по кое се започна со сослушување на вештите лица кои го изготвиле супервештачењето.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година, а во која загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени, се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Судскиот процес за трагедијата што се случи кај Ласкарци започна во септември 2019 година, неколку месеци откако се случи несреќата, но епилог уште нема.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Поврзани новости