Сугарески: Патниот правец Фариш-Дреново ќе биде завршен следниот месец

by fokus

Mинистерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов денеска извршија увид во градежните работи за рехабилитација на регионалниот пат Раец-Фариш. Инвестицијата е со вредност од 1,5 милиони евра.

Министерот Сугарески истакна дека градежните работи се одвиваат со засилено темпо и се очекува реконструкцијата на патот и мостовите на патниот правец Фариш-Дреново да биде завршена во текот на следниот месец, соопшти Министерството за транспорт.

– Оваа делница е од големо значење за Прилеп, Битола, Ресен и за целиот централен дел на земјата, па затоа даваме посебно значење на неговата рехабилитација со цел да ја зголемиме безбедноста на патот и го олесниме сообраќајот. Она што сакам да нагласам е дека оваа есен продолжуваме со рехабилитација на делот од Фаришка клисура комплетно до Прилеп со изградба на трета лента онаму каде што недостига, со што целата патна врска од Градско до Прилеп наскоро ќе биде рехабилитирана. Предвидени се уште многу други проекти во делот на патната инфраструктура, со силно темпо работиме на изградба на магистралниот гасовод Неготино-Кавадарци-Прилеп-Битола, а исто така градиме и реконструираме водови и канализации низ повеќе населени места во регионот. Генерално, капиталните инвестиции ги подигнавме на повисоко ниво од претходната година, градежната сезона е пред нас и уверуваме дека во следниот период ќе се работи со уште позасилено темпо, изјави Сугарески.

Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов истакна дека за околу една година целосно ќе биде обновен и реконструиран патниот правец од Фариш кон Прилеп.

– Секаде каде што се две ленти, ќе има изградба на трета лента. Тендерот за реконструкција на патниот правец Фариш-Прилеп е завршен и наскоро ќе отпоче да се работи. За рок од една година целосно ќе биде рехабилитиран и реконструиран патот од тука до Прилеп и по целата должина ќе биде со три ленти. Во тек е изградбата на експресниот пат Градско-Дреново, за десетина дена го објавуваме новиот тендер за доизградба на експресниот пат од Фариш до Дреново и веднаш потоа ќе започнат градежните работи, рече Китанов.

Поврзани новости