Сугарески: Не е точно дека Владата намерно го поништи тендерот за евтини летови

by fokus

Не е точно дека Владата намерно го поништи јавниот повик за доделување финансиска поддршка за евтини летови, истакна попладнево на прес-конференција министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Реагирајќи на денешните обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ, министерот Сугарески посочи дека Комисијата што ја водела постапката за јавниот повик постапила согласно сите законски прописи и процедури.

– Комисијата што ја водеше постапката постапила согласно сите законски прописи и како резултат на нивниот извештај, Министерството донесе одлука за поништување на јавниот повик. Не постојат мали и големи пропусти. Има прецизни законски прописи и процедури кои мора да се почитуваат, а во овој случај Комисијата ги применила истите. ВМРО-ДПМНЕ не може да замисли да се работи законски или со почитување на процедурите, рече Сугарески.

На прес-конференцијата во Владата, Сугарески уште еднаш повтори дека евтини летови ќе има и оти деновиве се очекува да биде објавен новиот јавен повик за субвенционирање на нискобуџетски авиокомпании.

– Министерството за транспорт и врски денес достави нова уредба до Владата. Овие денови во најбрз можен рок ги чекаме мислењата на надлежните институции и врз основа на нив и со носењето на уредбата веднаш ќе биде објавен новиот јавен повик, појасни Сугарески.

Јавниот повик беше објавен на 28 јуни, а до крајниот рок понуда достави само нискобуџетската авиокомпанија „Визер“. Тендерот беше поништен бидејќи Комисијата утврдила дека барањето на компанијата не е доставено целосно, односно оти на трите запечатени плика не е наведен целосниот назив и адреса на авиопревозникот што е еден од пропишаните услови.

Поврзани новости