Судскиот совет го разреши и Катавеновски, судијата кој одлучуваше заедно со Јово Вангеловски

by fokus

Судскиот совет на денешната седница го разреши и судијата во Врховен суд, Ристо Катавеновски кој заедно со поранешниот претседател, Јово Вангеловски и судијката Рахилка Стојковска го даде својот глас за тоа бизнисменот Сеад Кочан да биде пуштен од притвор додека беше во бегство.

Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев изјави дека не може да каже кој судија е разрешен, бидејќи јавноста е исклучена за оваа точка.

Освен за Катавеновски за тројца судии постапката е запрена, а за еден судија одлучено е извештајот да се дополни со податоци кои се неопходни за да може Советот да одлучи. Одлуката за Катавеновски беше одложена бидејќи судијата беше болен.

Во меѓувреме се чека одлука за жалбата што ја поднесоа Вангеловски и Стојковска до Врховниот суд. На трети јануари годинава, конечно беа формирани жалбените совети, кои ќе треба да одлучуваат по жалбите.

Советите бројат по девет члена од кои петмина се од највисокиот суд, а голем дел од судиите се изземаа поради различни причини.

Сега има рок од 30 дена, односно до 2 февруари да одлучат дали Вангеловски и Стојковска ќе бидат правосилно разрешени, или постапката ќе ја вратат назад во судски совет.

На денешната седница на Судскиот совет беше присутен и членот на СС Зоран Теофиловски за кого Обвинителството бараше притвор.

Здравев одговарајќи на новинарско прашање во врска со присуството на Теофиловски рече дека не е точно дека ги штитат членовите на Судскиот совет.  – Досега беше прифатено барањето за одземање на имунитетот не само на членот на СС, туку претходно и на неколку  судии против кои беше поднесено барање за покренување кривична постапка за одговорност за конкретни кривични дела и ние тогаш имунитетот го одземавме, меѓутоа не дадовме согласност за притвор и за судиите и за член на Судскиот совет, вели Здравев.

Според него, независно дали се работи за судии или за членови на СС ако не е  одобрен притвор тој може да доаѓа на работа. – На крај на краишта тој зема плата и треба да ја оправда платата и да работи, додава претседателот ан Судскиот совет.

Поврзани новости