Судски совет повторно го фаворизира Панчевски, му ја намали оценката на судијата Џолев?

by fokus

Судиите од Основниот суд Скопје 1 деновиве ги добија оценките за нивната работа за 2016 година, од Судскиот совет, по што поголемиот дел од нив се во шок, бидејќи добиле пониски оценки од претходно. Речиси сите судии кои беа деградирани и прераспоредени, само за да не дојдат во допир со предметите кои пристигаат од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), добили ниски оценки.

Токму затоа истакнуваат дека ќе поднесат приговори за Судски совет, за што имаат рок од осум дена, бидејќи сметаат дека постигнале одлични резултати во работата. Кај дел оценката е ставена и по грешка, односно погрешно им биле собрани поените.

„Фокус“ дознава дека оценката му е намалена и на судијата Иван Џолев кој е против кандидат на Владимир Панчевски за претседател на Основниот суд Скопје 1. Според нашите информации, оценката на Џолев е на граница меѓу тројка и четворка, а претходно беше оценет со четворка. На Панчевски пак претходната оценка му беше тројка, но со вонредното оценување му беше поправена на четворка, со што го вратија во трката за претседател.

Доколку на сила остануваат кандидатурите за претседател од септември, тогаш новата оценка на Џолев нема да му влијае, меѓутоа доколку се поништи и се распише нов конкурс тогаш на судијата Џолев во обзир ќе му се земе најновата оценка.

В.В.

Поврзани новости