Судот во Стразбур го критикуваше Илиевски за притворот, а сега тој ќе им дели правда на обесправените

by fokus 00:38
00:38

По изборот на обвинителот Јован Илиевски за судија во Судот за човекови права во Стразбур, не стивнуваат реакциите. Дури и Илиевски, кој иако со години шефува со Обвинителството за организиран криминал, не се појавуваше во јавноста, а во минатото дури и бегаше и се криеше од новинарите, сега се огласи и рече дека му е жал што е препознаван како баџанак на Сашо Мијалков, и дека требало да го оценуваат по неговото искуство како обвинител.

Според неговата биографија, Илиевски, веќе 18 години е обвинител, а од 2009 година па се до сега, шефува со Обвинителството за гонење на организиран криминал. Додека тој раководи со обвинителството, тука беа напишани обвинителните актови за голем број на случаи, меѓу кои и оние кои гласно одекнаа во јавноста како „Змиско око“, „Пајажина“, „Метастаза“, „Ровер“, „Тенковски делови“, „Изгрев“… Од страна на обвинителството овие случаи беа презентирани како голем успех во борбата против организираниот криминал, но поголемиот дел од нив не го потврдија нивното тврдење, бидејќи поради низа грешки и пропусти во обвиненијата, а потоа и во пресудите, никако да станат правосилни.

- Advertisements -

Па така, на обвинетите во „Изгрев“ им се суди по трет пат, бидејќи Апелација два пати ја укинуваше првостепената пресуда. Од трета мајка им се суди и на обвинетите во „Ровер“, а повторно ќе му се суди и на Владо Бучковски за „Тенковски делови“. Васил Топурковски, пак, за „Тајвански кредити“ по шест години низ судските лавиринти, доби ослободителна пресуда…

Покрај правниот неуспех на овие судски случаи, за кои кружат обвинувања дека се монтирани и нарачани, интересно е да се спомене и дека во неколку наврати сериозна критика за работата на Обвинителството за организиран криминал упати и Судот за човекови права во Стразбур, каде што Илиевски ќе почне да работи од февруари идната година. Па така, Судот му забележа на обвинителството дека по грешка дури 21 месец биле држани во притвор браќата Миладинови од случајот „Изгрев“, како и 38-те обвинети во „Змиско око“.

Во одлуката на Стразбур за „Изгрев“ директно му се забележува на обвинителството со кое шефува Илиевски дека: „продолжувањето на притворот не може да се бара со фразата дека имало „разумно сомневање“, се наведува во одлуката на судот.

Судот утврди и дека барањата за продолжување на притвор од обвинителот не се доставени на жалителите, кои поради тоа немале можност на нив да одговорат, а не е одржана ниту јавна расправа пред суд кој би требало да одлучува за нивното право на слобода.

За неколку месеци, па во наредните девет години, Илиевски ќе ја смени страната, односно наместо да гони како до сега, ќе одлучува по жалбите на тужителите кои ги исцрпиле сите правни средства во матичните држави и незадоволни од одлуките, се жалат до Европскиот суд. Меѓу овие жалби ќе бидат и оние кои ќе пристигаат од Македонија, но се очекува Илиевски да биде иземен од постапување по нив, бидејќи во спротивно ќе се доведе во ситуација да ја оценува својата работа што ја вршел како обвинител.

Илиевски уште кратко ќе остане да раководи со обвинителството, а потоа мора да му се избере наследник.

-Набрзо ќе распишеме оглас за раководител на Одделението за гонење на организиран криминал, а до неговиот избор, доколку е потребно Илиевски ќе биде заменуван од неговиот заменик Златко Биковски, вели Петар Аневски, претседателот на Советот на јавни обвинители, кој додава дека обвинителското место на Илиевски ќе биде замрзнато.

В.В.

Поврзани новости