Судот во Хаг не дозволи привремено ослободување на Хашим Тачи

by fokus

Судот во Хаг за злосторства од ОВК не дозволи привремено ослободување на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, кој како екс командат на ОВК е обвинет за воени злосторства врз Албанци, Срби и Роми, во Косово и Албанија.

Во одлуката објавена денес, а донесена на 22 јануари, судијата на претходна постапка Никола Гиом заклучува дека „постои ризик Тачи да побегне, да го попречува напредокот во судските постапки или да изврши нови злосторства против оние што се сметаат за противници на ОВК, вклучително и сведоци кои би можеле да обезбедат докази или веќе е закажано да се појават на суд“.

Судијата Гиом, исто така, ги прифати аргументите на обвинителството, кое се спротивстави на барањето на одбраната на Тачи за привремено ослободување.

„Високата позиција на Тачи во ОВК и на Косово му донесе широка мрежа на приврзаници, кои може да му помогнат да избега. Таа мрежа може да се мобилизира со цел да се попречи напредокот на истрагата и кривичната постапка на обвинителството“, се вели во судското образложение.

Според судијата, ризикот дека Тачи може да се меша во работата на судот е и податокот дека само неколку дена откако дознал дека е обвинет, побарал од тогашниот државен секретар на САД Мајк Помпео да интервенира, а потоа ги намалил казните на некои припадници на ОВК осудени за злосторства на Косово.

Поврзани новости