Судијката признава дека Кочан може да избега, ама поради нарушено здравје го спаси од притвор

by fokus

Судијката Даниела Димовска, која денеска донесе одлука бизнисменот Сеад Кочан да се брани од слобода, во решението напишала дека постои опасност Кочан да избега, но поради неговата здравствена состојба, одлучила да му го одземе пасошот и да му одреди парична гаранција од над 875 илјади евра.

-Судија на претходна постапка по ценење на фактите и доказите во предлогот, во текот на денешниот ден, донесе решение со кое имајќи ја пред се во вид здравствената состојба на осомничениот му определи гаранција во износ од 875.298,56 евра во движен и недвижен имот и истовремено одлучи на осомничениот да му се определат мерки на претпазливост, и тоа одземање на патната исправа и обврска истиот да се јавува еднаш неделно кај службено лице во овој суд, се вели во соопштението на судот.

Оттаму додаваат дека во решението, судија навела и дека од приложените докази и по повторно одлучување, е на мислење дека постои основано сомнение дека осомничениот го сторил кривичното дело за кое се товари, а имајќи го во предвид, како што велат, неговото поведение од почетокот на оваа постапка до денес, судијата смета дека постои опасност од бегство, па од тие причини го прифатила предлогот на одбраната за определување гаранција и мерките на претпазлиовст.

Од судот истакнуваат и дека Кочан не бил присутен на вчерашното рочиште, а за неговата здравствена состојба на барање на судот, Универзитетската клиника за кардиологија – Скопје доставила известување.

-Во известувањето стои дека осомничениот е хоспитализиран на нивната клиника од 14.05.2017 година и притоа ден пред закажаното рочиште, односно на 16.05.2017 година, му бил имплантиран стент. Па од тие причини го известија судот дека истиот не е во состојба да присуствува на закажаното рочиште, се вели во соопштението.

Од судот додаваат дека против ова решение странките имаат право на жалба до Кривичниот совет на овој суд во рок од 24 часа, во однос на одбивањето на предлогот за притвор, а рок од три дена во однос на определната гаранција и мерки, притоа патната исправа на осомничениот веќе е одземена и е предадена на чување во овој суд до конечно одлучување.

-Предлогот за определување мерка притвор од причина осомничениот да влијае на сведоци или пак да го повтори делото е одбиен како неоснован, велат од судот.

Поврзани новости