Судијката Михајлова ги казни Јанева и Фетаи со 4 илјади евра, тие ја обвинија дека лаже

by fokus

На висок тон, со расправии и кавги помеѓу специјалните јавни обвинителки Катица Јанев и Фатиме Фетаи од една страна, и судијката и вд претседателка на Кривичниот суд, Татјана Михајлова од друга, почна рочиштето во кое му се суди на екс премиерот Никола Груевски и уште неколку обвинети за насилствата пред општина Центар. Рочиштето набрзо и заврши, односно го прекина судијката Михајлова откако претходно со по две илјади евра ги казни обвинителките Јанева и Фетаи за наводно непочитување и навреди кон Судот.

Првата опомена за Јанева стигна кога таа и појасни на судијката дека правилно не го именува СЈО на што судијката и возврати со казна од 1000 евра. Веднаш потоа следуваше казна и за Фетаи, која од судијката побара одговор зошто досега не им бил доставен видео и аудио материјалот од претходното рочиште.

Фетаи тврди дека судијката неточно го водела записниот и извршила интелектуален фалсификат, односно излажала дека јавноста од судницата била исфрлена само еднаш, а тоа се случи во два наврати, па затоа го бараше видеото за да може да покренат постапка против Михајлова. Наместо одговор, Фетаи доби казна од 1000 евра за навреди по судот и обвинување од судијката дека покажала елементарно непочитување на судот.

Во тој момент стана обвинителката Катица и и се обрати на судијката со зборовите: „Вие судија не знаете да водите записник“.

Михајлова, видно изнервирана, и даде уште една казна на Јанева од 1000 евра, и ја опомена Фетаи.

На ова Фетаи извика „Но, вие лажете судија и затоа ја бараме снимката за да покренеме постапка против вас“. Тука се прикчучи и Јанева која и посочи на судијата дена не бараат нејзино иземање, туку ја обвини дека нема елементарно познавање од правото. По ова расправија следуваше и втората казна за Фетаи.

„Не заслужувате да го носите името судија, а не претседател на Судот, односно вд претседател“, рече Јанева.

Судијата истакна дека предметот ќе го прати во Советот на јавни обвинители за да се оцени однесувањето на СЈО, а обвинителките рекоа дека предметот прво треба да заврши во Советот на судии за да се оцени нејзиното судење. По ова судијката го прекина рочиштето, кое секако не можеше да се одржи, бидејќи не присуствуваа неколку од обвинетите.

И по прекинот на рочиштето судијката им се обрати на обвинителките порачувајќи им дека ако дошле да прават театар во судот немало да им успее. На ова забелешка возврати обвинителката Фетаи, која додаде: „Штета што вие не глумите добро како мене па барем малку да одглумевте објективност и непристрасност.

Во судницата сепак беше обвинетиот Груевски кој по завршувањето на рочиштето само кусо изјави дека денешното судење му личело на театар. Наредното рочиште е закажно за 10 март.

На денешното рочиште судијката Михајлова, се осмели, па за прв пат Груевски го нарече обвинет. На претходното рочиште му се обрати со осомничен, на што реагираше обвинителката Фетаи, која појасни дека осомничените станале обвинети по поднесениот обвинителен акт. На оваа забелешка судијката жестоко и возврати, упатувајќи ја обвинителката да го прочита Законот за кривична постапка.

Валентина Вурмо

Поврзани новости