Судијката Костова од прислушуваните материјали се пожалила дека ја испрашувале специјални обвинители

by Фокус

Судијката на Вишиот Управен суд, Светлана Костова е најверојатно судијката која поднела претставка до Советот на Јавни обвинители и се жалела на односот на Специјалните обвинители кои ја викнале на распит, пренесе порталот Сведок.

Советот на Јавни обвинители на денешната седница имаше точка „поплака од судија“, а претседателот Петар Аневски потврди дека станува збор за судија на Управен суд. Според досега познатите информации, кривична пријава за договарање на провизија за купување на опрема од Израел е поднесена против судијката Костова. Таа е пријавена заедно со екс директорот на УБК Сашо Мијалков и со еден израелски државјанин.

Од Oсновното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во Скопје Специјалното обвинителство го доби предметот по поднесена кривична пријава од СДСМ против  Сашо Мијалков тогаш директор на УБК за кривични дела: „Примање поткуп“ и „Злоупотреба на службената положба и овластување“,  против Светлана Костова, судијка на Вишиот Управен суд за „Примање поткуп“ и „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и против израелскиот државјанин  Х.Х. за „Давање поткуп“.

Специјалното обвинителство треба да утврди дали е точно како што се слуша од нелегално снимените разговори, дека директорот на УБК Сашо Мијалков влијаел врз тогашната вработена во УБК, а сега судија на Вишиот Управен суд, осомничената Светлана Костова да договара провизија и потпишување на договор за купување на опрема за МВР од израелска фирма, по цени многу повисоки од реалните.

Во пријавата на СДСМ до обвинителството се тврди дека во 2011 година Мијалков, индиректно преку НН фирма на 5.04.2011 година примил провизија (награда) во висина од 540 илјади евра, па на друг датум 200 илјади евра и на крајот, на 23.05.2011 година 840 илјади евра, со што, Мијалков заедно со Светлана Костова нанеле ограомна штета во Буџетот. По наградите, договорот бил склучен, а сите разговори околу купување на опремата ги водела сега судијката Костова со израелецот Х.Х.

Судскиот совет кој е надлежен да ја цени работата на судиите досега воопшто не расправал за статусот на судијката Костова во Управниот суд. За да се спречат сите сомневања во нејзината работа, до завршување на кривичната постапка Судскиот совет треба да ја суспендира Костова, посебно што таа во моментов одлучува во предмети од управната област, каде што нејзиното довчерашно министерство може да е тужен и тужител.

Советот на обвинители пак нема надлежност да постапува по вакви претставки во оваа фаза на постапката, бидејќи истрагата е тајна и Специјалното обвинителство нема законска обврска да им даде информации што презеле, каде ја повикале и што ја прашувале осомничената судијка.

Поврзани новости