Судијата Седат Реџепагиќ: Во Кривичен суд владее хаос, судиите ниту на небо, ниту на земја!

by fokus

Во Основниот суд Скопје 1 во моментот владее хаос, особено по оставката на вд претседателката Татјана Михајлова. Михајлова требаше да направи нов распоред, откако Врховниот суд уважи седум приговори на судии, кои се жалеа за прераспоредувањето, но наместо тоа таа си даде оставка, па сега овие судии не знаат дали да се врата на старите места или да чекаат нов претседател кој треба да изготви нов распоред.

Судијата Седат Реџепагиќ вели дека во моментот тој и неговите колеги не се ниту на земја, ниту на небо.

-Цела недела ги одложував судењата бидејќи колешката чија работа требаше да ја превземам во Одделението во прекршоци не ми ги предава предметите, бидејќи чекала директива. Вчера цел ден ја прашував вд претседателката Михајлова што да правам, каде да судам, на старото или новото место, но таа ми истакна да правам што сакам! Кога и посочив дека таа треба да донесе одлука и дека ќе и доставам писмено барање, таа пак ми рече јас да одлучам како сакам, вели судијата Реџепагиќ, кој има 32-годишно искуство.

Судијата додева дека тој на сопствен ризик одлучил од денес повторно да суди на старото место, по предмети од кривична материја, бидејќи како што посочува мора да прави норма. Тој не поднесе приговор до Врховниот суд, па по автоматизам требаше да работи на новото место, но тоа му е оневозможено.

Други судии, пак, и понатаму ги одложуваат рочиштата, поради што стотина странки се враќаат од судот.

Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, не одговара на повиците на „Фокус“ за да одговори кога ќе биде избран претседател на судот. Од Советот испратија штуро соопштение.

-Во текот на денешниот ден Судскиот совет на Република Македонија ќе преземе мерки за адекватно решавање на настанатата ситуација, ќе бидат извршени анализи и во најкраток можен рок ќе биде закажана седница по повод поднесената оставка на ВД претседателот на Основен суд Скопје 1 Скопје, пишува во соопштението.

Неодамна, вд претседателката Михајлова со новиот годишен распоред, кој требаше да стапи на сила од март, одлучи да прераспореди десетина судии, и тоа оние кои го кренаа гласот против поранешниот претседател Владимир Панчевски и кој постапуваа во „полза“ на СЈО.

Валентина Вурмо

Поврзани новости