Судијата Јордан Митриновски тврди дека бил разрешен поради конфликт со Михајло и Филимена Маневски

by fokus

Одложена е седницата на Судскиот совет на која требаше да се разгледува разрешувањето на екс претседателот на скопска апелација Јордан Митриновски по барање на  неговиот адвокат Ефто Спировски, кој престојувал во странство. Седницата е презакажана за 11 мај.

Судијата Јордан Митриновски пред неколку години беше разрешен затоа што како претседател на Кривичен совет со судиите Исмаил Лимани и Милка Стефкова донел одлука со која се прифаќа жалбата на Бајруш Сејдиу и притворот му се заменува со домашен кој дополнително се поткрепува со гаранција.

-Не се согласувам рочиштето да се одложи, затоа што Јас сум способен и сам да се бранам. Но затоа што тој ми е бранител и во претходната постапка, би сакал да се испочитува неговата желба за одлагање, затоа што сакам и тој како мој бранител да е присутен, пренесе Плусинфо изјава од Митриновски кој поради смената се жалеше и пред Судот за човекови права во Стразбур каде го доби спорот против државата.

По одлуката од Стразбур беше соопштено дека Македонија изгуби уште еден случај пред Судот за човекови права кој ја прифати тужбата на Јордан Митриновски, поранешен претседател на Апелацискиот суд во Скопје и констатира дека бил разрешен во постапка која не обезбедила фер и правично судење.

Претседателот на Врховниот суд на Македонија, Јово Вангеловски, денеска изјави дека расправата е одложена на барање на подносителот врз основа на поднесокот од неговиот бранител.

– Независно дали е пензиониран или не, од судот во Стразбур има барање за повторување на постапката и тоа мора да се спроведе. Одлуката ќе зависи од Судскиот совет – рече Вангеловски.

Митриновски, пак, нагласи дека сите прашања кои ги поднел се логична последица од одлуката од Стразбур и Судскиот совет мора да одговори на нив.

– Во спротивно јас ќе ги одговорам пред јавноста. Во пресудата е дадено како забелешка дека е повреден членот 6. Треба да се работи според закон и здрав разум, да не дојдеме до Исусовата реченица: прости им Господи не знаат што прават. Уште од самиот старт постапката почна со незаконско и недозволено барање, а така и заврши. Поднесено е обвинение од подносител кој во конкретниов случај не смее да биде подносител затоа што е инволвиран во работата на Судскиот совет и во претходната постапка. Конфликтот со Михајло и Филимена Маневски ми беше отворен. Филимена Маневска не можеше да го прежали нејзиното пензионирање кое јас го потпишав. Јас се противев на нивното постојано мешање во политиката и тоа доведе до отворен конфликт, што доведе до мое разрешување – нагласи Митриновски.

Поврзани новости