Судијата Џолев му поднесе кривична на претседателот на Советот за факти, бидејќи го фаворизирал Панчевски

by fokus

Судијата Иван Џолев поднесе кривична пријава против Јордан Лазаров, претседател на Советот за факти, кој денеска требаше да одлучува за претставка поднесена против судијата.

Судијата Џолев и неговиот адвокат Стеван Павлески се сомневаат дека Лазаров е пристрасен бидејќи во периодот на избор на претседател на Кривичниот суд, незаконски поведел постапка против Џолев само за да ќе го фаворизира противкандидатот на Џолев, судијата Владимир Панчевски.

-До Основното јавно обвинителство -Скопје поднесовме кривична пријава против Лазаров и НН членови на Комисијата, поради Злоупотреба на службената положба и овластување, член 353 од Кривичниот Законик. Пријавата е поднесена бидејќи сметаме дека претседателот на овој совет ја повредил постапката со отварање на оваа расправа на штета на судијата, бидејќи за тоа поминал законскиот рок од шест месеци. Кон кривичната пријава приложивме поголем број на докази од кои се гледа дека судијата Лазарев со умисла ја поведува оваа постапка против Џолев, сега кога паралелно се води постапка за избор на претседател на Кривичниот суд. Пријавениот сака да го фаворизира другиот кандидат и да го исфрли од игра и да му направи штета на Џолев, истакна адвокатот Павлески.

Павлески побара расправата по претставката да биде прекината додека не заврши кривичната постапка пред Основното јавно обвинителство Скопје.

Комисијата донесе решение денешната главна расправа да се одложи, а Советот за факти на седница да се произнесе за барањето за прекин на постапката.

Судијата Џолев појасни дека преставката која сега во работа ја земала Комисијата е од 2014 година и станувало збор за допис од Комисијата за борба против корупцијата, за негова одлука да не поведе прекршочна постапка за одреден случај. Тој и неговиот адвокат тврдат дека комисијата во никој случај не смеело да го земе дописот во работа, бидејќи цели две години никој не постапувал, а Комисијата се сетила токму сега, иако нивниот рок е шест месеци од поднесувањето на преставка.

Тој додаде дека се уште нема добиено известување од Советот за утврдување на факти за претставката која неодамна против него ја поднесе судијата Панчевски, бидејќи според него судијата незаконски, односно без негова дозвола, присуствувал на тридневен семинар во Хрватска. Советот расправаше на 19 декември минатата година, а рокот да донесат одлука е десет дена.

Советот треба да одлучи дали постои основа за барање за утврдување на одговорност на судија. Доколку одлучат позитивно, предметот оди во Судскиот совет, а во спротивно постапката завршува тука.

Валентина Вурмо

Поврзани новости