Судиите кои местеле предмети нема да го добијат извештајот за АКМИС-от, истиот е во рацете на обвинители

by fokus

Судиите, кои додека ја ивршувале претседателска функција во Кривичниот суд и Врховниот суд, а се сомничат дека местеле предмети на рака, нема да го добијат извештајот од АКМИС системот кој го направи Министерството за правда. Оттаму истакнуваат дека извештајот е предаден на надлежните институции, без да потенцираат дали мислат на Јавното обвинителство и на СЈО.

-Согласно најавата на министерот за правда Билен Саљији на прес-конференцијата одржана по повод информирање на јавноста за извршениот увид во АКМИС-от, Министерството за правда информира дека извештајот од извршениот увид во функционалноста на информатичкиот систем и надзор над примената на одредбите од Судскиот деловник во судовите, е доставен на натамошно постапување до надлежните институции, се вели во соопштението на Министерството за правда.

Оттаму додаваат дека извештајот се однесува на увидот кој беше извршен во Основниот суд Скопје 1 Скопје, Апелациониот суд Скопје и Врховниот суд на Република Македонија, од страна на работната група формирана од Министерството за правда а согласно надлежноста предвидена во Законот за судовите и Судскиот деловник.

-Исто така напоменуваме дека во овој момент извештајот има статус на класифициран документ и истиот е означен со степен на доверливост, велат од Министерството за правда.

Со контролата на министерството беше опфатен периодот од 2015 и 2016 година, а тогаш на претседателкото столче во Кривичниот суд седеа Владимир Панчевски, Татјана Михајлова и Стојанче Рибарев. Во Врховниот суд пак во тој период беа Снежана Бајлозова, Лидија Неделкова и актуелниот претседател Јово Вангеловски.

Пред неколку дена, во изјава за неделникот „Фокус“, претседателот Вангеловски истакна дека извештајот ќе го коментира откако ќе го разгледа, а неговата претходничка Неделкова децидно ни одговори дека според извештајот злоупотреби не се правеле за време на нејзиното раководење со судот.

Поранешниот претседател Панчевски пак ни се заблагодари за дадената можност, но истакна дека не сака да коментира, а Рибарев посочи дека ќе даде коментар откако ќе го разгледа.

Засега, официјално, е непознато кој од овие шестмина судии е под сомнеж дека местел предмети.

Пред две недели министерот за првда истакна дека со направената контрола се утврдило дека во Кривичниот и во Врховниот суд, наместо електронски, преку АКМИС-от, предмети на дел од судиите им се делеле на рака.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости