СУДИИ ИЗИГРУВААТ ФЕЈСБУК ЏАНДАРИ!

by Fokus

Судии бирани во Врховниот суд без ден судски стаж, во Апелација по само година ипол судски стаж, судии во основни судови седнати во тога директно од половиот орган на некој политички моќник – се судии кои НИКОГАШ нема да уживаат авторитет кај мене, ниту имам намера на таквите да им потклекнувам

Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ

Еден скопски адвокат, инволвиран во повеќе медиумски експонирани предмети, минатата недела преку социјалните мрежи ја информираше јавноста дека од страна на судија при Основниот кривичен суд Скопје е казнет со фантастични 2.000 евра во денарска противвредност поради навреда на судот.

Гревот на адвокатот, колегата Асмир Алиспахиќ е тоа што на фејсбук статус напишал дека одредена судијка, добро позната на пошироката македонска јавност од таканаречените бомби кога имавме прилика да ѝ го слушнеме милозвучниот глас на линија со екс директорот на УБК, бил тоа што во статусот напишал дека посочената е „сваровски судија, дно од судија и дека е потребно под итно разрешување“.

При носење на екстремно високата казна судијата се повикал на членот 88 од Законот за кривична постапка, кој го регулира казнувањето поради навреда на судот, и тука се направени две крупни грешки поради што ова решение не смее и не може да го опстои жалбениот филтер.

 НАВРЕДА ПРЕКУ ФЕЈСБУК

Првенствено, за прва навреда не е предвиден износ од 2.000 евра туку износ од 200 до 1.200 евра во денарска противвредност. Единствено ако навредата се повторува, судот може да казни до десеткратен износ, што не е случај во конкретниот настан. Второ и поважно, членот 88 предвидува казнување на учесниците во постапката кои со поднесок или усно ќе го навредат судот.

Никаде овој или било кој друг член не предвидуваат казнување од страна на судот поради искажани мислења, па нека се тоа и навреди, ако се тие искажани надвор од судската постапка, ниту е можно таквo нешто бидејќи тоа се коси со самата природа на посочениот член – да го одржува редот и мирот во судницата, а не вон неа.

Доколку фамозната судијка се нашла навредена од фејсбук статус на Алиспахиќ, има правен механизам да се заштити кој се вика тужба за утврдување на граѓанска одговорност од навреда согласно Законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда, каде имало можност за законита заштита. Ниту се видело ниту се чуло судија да изигрува фејсбук полицаец и да казнува адвокати поради став, колку и да бил навредлив фејсбук статусот. Од кога нашите судии се фејсбук џандари?

Не можам да бидам лицемерен и да му правам лице на посочениот колега, кој искрено не го ценам високо од причина што на недопустив начин ги злоупотребува верско етничките чуства и редовно, речиси секогаш кога неговите властодавци ќе заглават, причината ја бара во наводна дискриминација, што е недозволиво за адвокат.

Дополнително, заедно со уште еден колега, откако не ги изгласаа за членови на УО на Комората, се закануваа со формирање некаква си паралелна албанска адвокатска комора. Жално е колеги да не знаат дека Комората се основа со закон и без законски измени никакви втори или трети комори не се можни.

 КАЗНИ ПОРАДИ СУЕТА

Настрана фактот што е идиотизам да барате правична застапеност во еснафско здружение, кое патем во својата историја имаше и Албанец претседател. Затоа мојата поддршка во овој случај е строго принципиелна.

Ноторно е дека во случајот на Асмир се работи за суета. Споменатиот член треба да се користи рестриктивно, во екстремни случаи кога редот во судницата е нарушен или кога учесник во постапаката го навредува судот. Замислете си судот да има можност, од ракав, поради, пред се, суета да казнува адвокати или било кого поради фејсбук статуси? Па до сега ќе требаше да ме бесат!

Секако, случајот со Алиспахиќ не е изолиран. Тажно, кај нас дел од судиите во неможност да се справат со адвокатите кои се повикуваат на своите права во судницата како и на правата на својата странка, често прибегнуваат кон камшикот, опишан во членот осумдесет и осум.

Еден од најеклатантните вакви примери е предметот за упадот во Собранието на 27 април, во кој одеднаш и без никаква оправдана причина беа казнети педесетина адвокати со по илјада евра парична казна само поради тоа што побарале соодветни услови во судницата, нешто што судечкиот судија си го протолкувал како навреда на судот?!

Улогата на адвокатот во постапката е да даде најдобра можна одбрана, необременет со суетата на судијата кој ќе го казни поради фејсбук статус, усно барање за нормални услови и слично. Слободата на изразување игра круцијална улога во остварување на правото на одбрана и таа, освен ако содржи навреди, треба да биде апсолутна, и во овој дел судот во Стразбур е исклучително сензитивен.

 ПРАВАТА НА ОБВИНЕТИТЕ

Двајца од колегите казнети за случајот 27 април, одлука потврдена од Апелација, не можејќи да се помират со одлуката на судот, до Уставниот суд поднесоа барање за заштита на основните слободи и права сметајќи дека ваквиот начин на казнување, единствено поради барање подобри услови, претставува спречување на нивното право за слободно изразување, што пак претставува нераскинлив дел од работата на адвокатот и уште поважно, ефективната одбрана.

Како адвокатот да даде соодветна одбрана кога за барање нормални услови на работа се плеска по уста со илјада евра. Како тој адвокат да ја гради својата теза и да ја демонстрира својата одбрана?

Позитивно бев изненаден кога Уставниот суд овојпат беше на висината нa задачата и утврди повреда на правото на слобода на изразување на адвокатите Павлина Зефиќ и Панче Нефтеновски. И ова воопшто не е спорна одлука ниту го чини Уставниот суд инстанционен како што побрзаа да реагираат од скопска единица.

Уставниот суд го прифати ставот на адвокатите дека со ваквата одлука се спречува правото на слободно изразување како едно од основните слободи и права, но е и есенцијално при застапување на обвинетите, се во насока на остварување на правото на обвинетите.

Во поткрепа, судот смета дека зачувувањето на слободата на изразување на адвокатите е предуслов за зачувување на независноста на професијата која ја обавуваат,  што е основа за функционирање на правосудниот систем (ЕСЧП, Morice v France).

 БРУТАЛНА ПАРТИЗАЦИЈА

Како адвокатска канцеларија имаме соборено и две решенија за казна од 1.000 евра од кои поинтересното беше екстремно. Мојот ментор беше адвокат без влакна на јазикот кому, особено во последните години од кариерата, му беше преку глава од полуписмени партиски судии со какви, за жал, се наполни нашето судство.

Па така, по една скандалозна одлука на таков судија, кој во нормална земја не би бил ни портир во судот, триесет минути по рочиштето адвокатот влезе во неговата судница и судијата си го доби она што го заслужува, посочувајќи му дека е „неписмен и не треба да биде судија“. Кутриот судија не знаеше ни казна да изрече како што треба, па повисокиот суд ја усвои жалбата образлагајќи дека судијата нема право да казнува по завршување на рочиштето. Енде.

Бруталната партизација си го стори своето и го срози македонското судство. Судии бирани во Врховниот суд без ден судски стаж, во Апелација по само година ипол судски стаж, судии во основни судови седнати во тога директно од половиот орган на некој политички моќник, се судии кои НИКОГАШ нема да уживаат авторитет кај мене, ниту имам намера на таквите да им потклекнувам.

Досега не сум бил казнет, пред се бидејќи држам до себе и го почитувам редот во судницата, но не би се ни воздржал да влезам во клинч со квази судии кои не можат да изградат авторитет со познавање на законот и чесно и професионално работење, па со леснотија прибегнуваат кон камшикот.

Поврзани новости