Судењето за организаторите на 27 април продолжува на втори март

by fokus

Судењето за организаторите на случувањата на 27 април 2017 година продолжува на 2 март, откако на денешно рочиште беа сослушани повеќе сведоци предложени од одбраната на Миле Јанакиески.

Повеќето сведоци, сослушани на денешното рочиште, рекоа дека иако членувале во разни вибер групи, во ниту една не било разговарано околу протестите за „За заедничка Македонија” пред Собранието, како и дека немале никаква комуникација поврзана со протестите со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.

Беа сослушани и повеќе тогашни членови на разни месни и општински органи на ВМРО-ДПМНЕ, кои рекоа дека партијата немала донесено никаква одлука поврзана со протестите на „За заедничка Македонија”, како и дека не биле контактирани ниту од Миле Јанакиески, ниту од Спиро Ристовски во врска со протестите пред Собранието на 27 април 2017 година.

Во првиот дел беше сослушан сведокот Оливер Дерковски, кој рече дека во периодот 2016-2017 година немал партиска функција и само бил член на Централен комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека, иако бил член на повеќе вибер групи, не бил член на никаква таква група поврзана за случувањата пред Собранието, како и дека немал никаква комуникација во врска со протестите на „За заедничка Македонија” со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.

Прв, денеска, беше сослушан сведокот Владимир Неловски, кој рече дека на 27 април 2017 година, по завршување на работното време со Диме Спасов и Владимир Стојковски бил во ресторанот „Баба Цана” и откако виделе што се случува околу 19 часот се упатиле пред Собранието, каде останале до 21 часот.

– Бидејќи имавме најава за седница на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а јас тогаш бев член, се упатив во штабот на 8-ми кат. Имаше присутни повеќе луѓе. Таму се сретнав со Спиро Ристовски, Миле Јанакиески, Зоран Ставревски и повеќе тогашни функционери на партијата, изјави Неловски.

Седницата на Извршниот комитет започнала некаде после полноќ.

– Заклучок на седницата беше дека насилствата треба да се осудат и дека најголем губитник од случувањата е партијата ВМРО-ДПМНЕ. Седницата траеше до раните утрински часови и после неа изјава даде и тогашниот претседател на партијата Никола Груевски. Потоа си заминав дома, изјави сведокот.

На следното рочиште треба да бидат презентирани материјални докази, а за на рочиштето на 5 март се повикани повеќе сведоци од одбраната на Миле Јанакиески, меѓу кои и пореншниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Петре Латиновски.

Поврзани новости