Судбина било Ванчо да почине таму каде што секогаш си го наоѓаше мирот, вели добра пријателка на Петрушевски

by fokus

„Ванчо премногу го сакаше Орешани и викендичката. Таму си го наоѓаше мирот од се. Секогаш имаше некој, никогаш не беше без друштво и многу сакаше да ни готви. Знаеше да не изненади со некој специјалитет, таму си беше свој на своето“, раскажува фолк пејачката Тања Јовановска – Трајкова, која беше добра пријателка со актерот Петрушевски.

Вели дека веста за неговата смрт длабоко ја погодила, бидејќи биле многу блиски.

„Со Ванчо се дружевме со години. Во 2014 година имавме заедничка турнеја во Австралија. По враќањето нашите дружби станаа уште поинтензивни, турнејата не зближи. Секое лето доста време поминувавме кај него, во Орешани на гости. Имам многу убави спомени од нашите дружби, постојано нешто ново ни текнуваше“, се присетува таа.

Околу веста дека актерот денес починал од струен удар во Орешани, вели дека дознала од неговиот син Марко и се уште не можела да поверува дека се случила таква трагедија.

„Тој постојано си наоѓаше некоја работа во викендицата, така и сега… Почина таму, на местото кое најмногу го сакаше“ – изјави Трајкова.

Комеморацијата за Петрушевски ќе се одржи во Драмски театар во понеделник, во 10 часот. Неговите посмртни останки ќе бидат изложени од 12 до 13 часот во капелата на Градските гробишта во Бутел, а потоа ќе биде погребот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости