Студија на ЕУ го посочува фејсбук-профилот на Мицкоски како извор на дезинформации

by Фокус

Во студија изработена од Генералниот директорат за надворешна политика на Европската Унија по нарачка на Европскиот парламент. профилот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се наоѓа меѓу профилите на личности кои се сметаат за извори на дезинформации, објави Дојче веле.

Во студијата насловена како „Мапирање на лажните вести и дезинформации на Западниот Балкан и идентификување начини за борба со нив“, објавена на интернет-страницата на ЕП, конкретно се се наведуваат медиумите финансирани од унгарски бизнисмени во Северна Македонија како главни извори на дезинформации.

„За разлика од повеќето земји во регионот, каде медиумскиот пејзаж е релативно стабилен веќе една деценија и повеќе, во Северна Македонија имаше две значајни промени во структурата на нејзиниот медиумски систем, и обете имаа последици за продукцијата и ширењето на дезинформации“, се наведува во анализата.

Во неа пишува дека првата значајна промена се случила за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога водечките медиуми биле под строга контрола на партијата и биле вмешани во „речиси сите дезинформациски активности на партијата“, а нивната цел била да се дискредитираат политичките противници и да се промовираат националистички, и честопати антизападни, ставови.

„Дел од некогаш проминентните извори на дезинформации и кампањи за дискредитација и понатаму се активни, но немаат пристап до мејнстрим медиумите. Тие се сега маргинализирани и можат да се најдат само на одредени Тв канали или на сопствени ЈуТуб канали, со намален опсег“, стои во студијата.

Вториот фактор кој има улога во ширењето дезинформации, според студијата што ја пренесува Дојче Веле, е засилената инвестициска активност од Унгарија на македонскиот медиумски пазар. Тука се наведува купувањето на неколку македонски медиуми чии сопственици биле блиски до ВМРО-ДПМНЕ од страна на унгарски државјани поврзани со тамошниот провладин медиумски пазар.

„Другите големи дезинформациски канали, откриени во нашата анализа на социјалните мрежи, го вклучуваат интернет-порталот Инфомакс.мк, и профилите на социјалните мрежи поврзани со кампањата за бојкот на референдумот, како и на познати личности, меѓу кои и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, анти-западниот коментатор Миленко Неделковски и поранешниот премиер Никола Груевски“, се наведува во студијата.

Поврзани новости