Студентски пленум: Ја поздравуваме одлуката за екстерното, но студентското прашање е далеку од решено

by fokus

Ја поздравуваме одлуката за укинување на екстерното тестирање во основните и средните училишта, уважувајќи ги ставовите на средношколците, наставниците, родителите и бројни експерти. Сепак, сакаме да нагласиме дека студентското прашање е далеку од решено, соопштија од движењето Студентски пленум.

Тие потсетија дека поминале две години одткако ја почнале борбата за подобар студентски живот. И покрај сите обиди за конструктивност, тие велат дека не успеале да најдат заеднички јазик со тогашната влада.

„Првиот чекор за решавање на проблемите во високото образование претставува започнување на инклузивен дијалог за создавање на нов Закон за високо образование, кој ќе создаде квалитетен образовен процес, ќе го унапреди статусот на студентите и ќе ја гарантира автономијата на универзитетите.

За крај, сакаме да ја потсетиме јавноста и новата влада дека Студентскиот пленум не се формираше за да ја руши претходната, туку да ја критикува секоја власт која носи лоши и неквалитетни реформи во областа на образованието. Затоа бидете уверени дека ќе се кренеме против новата влада доколку носи одлуки низ нетранспарентен процес и кои се лоши за студентите и понатамошниот развој на образованието во Република Македонија. Студентите се будни! #ПоздравПленумци“, велат од Студентски пленум.

Поврзани новости