Студентски пленум Битола: Утре да излеземе и заедно да маршираме за студентскиот дигнитет

by Фокус

Студентскиот пленум се појави како резултат на корумпираноста и безидејноста на Студентскиот Парламент, кој единствено се грижи за ноќниот живот на студентите – преку забави, и за кардио-васкуларниот систем на студентите – преку  прошетки во природа и евентуални спортски активности, реагираа студентите од Битола. Според нив, екстерното тестирање ја нарушува автономијата на на универзитетите и елементарното човеково право – право на образование.

Тие сметаат дека откако се кренал гласот на студентите, премиерот најавил нова квази квалитативна мерка – државен испит, што според нив, исто така не води кон никаква реформа во образовниот систем.

– Нашиот став е јасен! Државниот испит е паушална мерка, предложена без никакви претходни анализи за нејзиниот ефект и таа, на ниту еден начин нема да ја подобри состојбата во високото образование. Потврда за ова се и екстерните тестирања во средните и основните училишта. Затоа, решивме повторно да излеземе на улица и да маршираме за студентскиот дигнитет! Образованието е јавно добро и нè засега апсолутно сите и секој треба да придонесе во борбата за квалитетно образование! Затоа, ве повикуваме да марширате, рамо до рамо со нас, во одбрана на академското (и човечкото) достоинство кое што со години се препелка во урнатините на образованието – се наведува во соопштението од Студентски пленум од Битола.

Тие уште еднаш апелираа дека студентскиот марш не треба да биде партиски.

Поврзани новости