Студентски пленум бара поништување на изборот за ректор

by Fokus 12:21
12:21

Студентскиот пленум со отворено писмо дава свои аргументи и бара универзитетскиот Сенат на УКИМ да го поништи досегашниот процес за избор на Ректор, заради, како што велат, нелегитимни претставници во телата кои одлучуваат по ова прашање.

Според нив, неопходно е изборот да се направи после демократските и транспарентни избори на студентите, кои би се распишале во текот на септември и октомври. Нивното писмо ви го пренесуваме во целост:

Ви се обраќаме со цел покренување на исклучително важно прашање со изборот на нов Ректор на најстариот и најголемиот универзитет во Македонија, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, чија процедура за избор треба да заврши на 15 јули 2016 година.

Со ова писмо сакаме да информираме и алармираме за еден горчлив проблем кој не смее да се занемари, а е особено значаен во постапката за избор на Ректор и бараме Универзитетскиот сенат на УКИМ да го поништи  досегашниот процес заради учество на нелегитимни претставници на овие тела. Во моменталните тела на Универзитетот седат претставници на студенти со истечени мандати. Со ова студентите имаат нелегитимни претставници да одлучуваат во нивно име кои истовремено ја легитимираат валидноста на телата во кои седат. Алармираме дека доколку изборите на ректор во УКИМ се одржат во јуни, или секој понатамошен месец во кој ќе постои нелегален Студентски парламент, истите се невалидни и донесената одлука ќе биде гласана од членови на Ректорската управа и Сенат без легитимитет да го даваат својот глас за избор на Ректор.

Според член 100 од Статутот на УКИМ, Сенатот го сочинуваат претставници од студентите, избрани од Студентскиот парламент на Универзитетот. За тие да се изберат, мора прво да има избори на сите матични факултети, од таму да се делегираат претставници на Собранието на СПУКМ, па потоа собранието на СПУКМ да изгласа кои студенти ќе бидат претставници во Сенатот на УКИМ. Во отсуство на вакви процеси, секој студент кој присуствува во работата на кое и да е било одлучувачки тело на УКИМ и на матичните факултети нема легитимитет за тоа и не може да гласа во името на студентската популација на УКИМ.

Мандатот на Претседателот на СПУКМ е истечен веќе втора година, а избори за Претседател на СКУКМ последен пат се одржани на 10.10.2012, пред речиси четири години. Претседателството на парламентот не одржува седници и нема никакви информации дали воопшто собранието на СПУКМ се собира и носи одлуки. Оттука сите одлуки кои се носат во телата на УКИМ и матичните факултети, и во кои членуваат студенти кои своите места таму не ги добиле по пат на легални процедури согласно сите законски и подзаконски правни акти, можат да бидат оспорувани како неважечки.

Апелираме до универзитетот да не го избегнува решавањето на овој проблем. За илустрација, долгогодишното изземање од одговорност и негрижата за студентското организирање доведоа до неможност за избирање на Ректор, како и Декани на одредени факултети. Дополнително, моменталниот Ректор, проф. Велимир Стојковски, согласно Статутот на УКИМ, носи одговорност за законитост и статутарност на сите одлуки во Универзитетот, па така носи одговорност и за донесување на одлука за Ректор со нелегитимни гласови на студентите. Токму затоа оваа постапка мора да запре.

Универзитетот мора да го заснова своето работење и дејствување на принципите за добро владеење, почитување на правото и легалноста, етичноста и меѓусебната доверба во академската заедница. Учеството на легитимни студентски претставници е загарантирано и неопходно согласно Болоњската декларација, при што УКИМ како имплементатор во оваа декларација, мора целосо да ги почитува овие одредби.

Токму затоа Универзитетскито сенат на УКИМ, како највисоко тело за одлучување и носење на одлуката за избор на Ректор, да го поништи досегашниот процес, заради учество на нелегитимни претставници во телата кои одлучуваат по ова прашање. Неопходно е во текот на септември и октомври 2016 година да се распишат избори за легитимни студентски претставници на демократски, транспарентни и инклузивни избори за сите студенти на УКИМ. Сегашните избори за претседател на Студентскиот парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се нелегитимни, зошто согласно сите нивни достапни правилници, овие избори мора да се спроведат во текот на месец октомври. Дополнително, особено проблематично е и инсистирањето на студентските претставници да одржат избори  на 30 јуни 2016 година, кога нема ниту еден студент присутен на факултетите, а редовната настава и редовните сесии се завршени. Ова уште еднаш говори за нивната несериозност и нелегитимност од страна на студентите. Бидејќи има фрапантно кршење на студентските права од страна на студентскиот парламент, бараме за овој процес да се оформи комисија при УКИМ составена од професор и студенти кои се грижат за спроведување на изборите. По изборот на легитимни студентски претставници, може да се изврши изборот на Ректор на најстариот и најголемиот универзитет во Македонија, со целостно учество на студентите.

Неопходно е изборот на Ректор да се направи после демократските избори на студентите, бидејќи целиот Универзитет носи одговорност за начините на кои ги вклучува студентите во сите тела на одлучување, како и за донесување на законити одлуки, особено при одлуките за избор на Ректор на овој универзитет.

 

Поврзани новости