Струмица ги руши бариерите: Го бришеме зборот хендикеп!

by fokus

Вчера во хотел „Вила Парк” во Струмица по втор пат се одржа модната ревија „Убави сме, свои сме“ по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Настанот беше во организација на здружението за помош и поддршка на лицата со попреченост „Вера” и на модната писта зачекорија над 30 деца од цела земја, кои беа придружувани од познати личности од јавниот живот.

Оперските пејачи Васил Гарванлиев и Јаворка Витанова, пратеничката Катерина Кузмановска, Перо Костадинов, градоначалник на Валандово, шефицата на кабинетот на премиерот, Мирјана Јанева, ќерката на премиерот, Александра Заева, спортистите Дени Масев и Зоран Балдовалиев, креаторката Емили Пишева и многу други беа само дел од настанот кој што привлече големо внимание.

И во публиката исто така, голем број на јавни личности им ја дадоа својата поддршка на лицата со попреченост и ги бодреа додека чекореа по пистата.

Сопругата на премиерот, Зорица Заева, минатата година беше дел од придружбата на малите модели на пистата, а пак годинава им даде поддршка како дел од публиката.

-Нашата Струмица по втор пат беше домаќин на модната ревија под мотото „Убави сме, свои сме“ на децата со попреченостод повеќе градови во Македонија.

Денеска се чувствував многу горд кога гледам во мојата Струмица толку многу луѓе кои се подготвени да подадат рака, да ги срушат сите бариери и да помогнат.

Јас од денеска од мојот речник го бришам зборот хендикеп. Во секој од нас има потенцијал кој само треба да го најдеме со сета своја енергија и сила. Утре е Ден на лицата со попреченост, но јас би го нарекол Ден на рушење на бариерите.

Јас повеќе не признавам попреченост. Сакам сите заедно како на овој ден, сплотени да се избориме со сите можни бариери, физички, психички или било какви. Бариери во Струмица и нашата држава веќе не смеат да постојат. Да бидеме пример за сите, како може во една мала средина да се решаваат овие бариери –порача Коста Јанев, градоначалник на Струмица.

Вики Клинчарова

Поврзани новости