Стратешка шизофренија во опозицијата

by Fokus

Пишува: Никола СПАСОВ

Верувам дека повеќето од нас ја имаат видено професионалната фотографија на Христијан Мицковски на која позира додека ги држи очилата потспуштени и заводнички гледа над нив. Јас барем ја паметам, таа е единствена впечатлива фотографија од него на интернет. Истата често се споделува, со неа се прават мемиња и се користи за други досетки.

На неа, Мицковски е портретиран како успешен бизнисмен, директор, со добар стил на облекување, па дури и харизма – која подоцна видовме дека очајно му фали. Првичните вести и натписи за него одеа во истата насока – успешен професор, енергетичар, со наводно добри резултати како главен менаџер во ЕЛЕМ. Тој во интервјуата за себе велеше дека ќе делува „математички прецизно“, фокусиран на економијата и развојот.

Се на се, првичниот имиџ на технократ и менаџер и не беше толку лош, иако страшно потсеќаше на младиот Груевски. Имаше тука и многу недоветни изјави, слаб избор на зборови, не сметам јас дека многу добро се позиционирал. Но, како-така имаше некоја насока и основа за надградување. И одеднаш, на ВМРО-ДПМНЕ му текнува името на новата програмата да биде „Нов завет“. Маестрално! На тој што го смисли тоа веднаш да му се даде највисоко признание од областа на политички маркетинг.

Сега Мицковски треба да направи нова фотографија како го држи Новиот завет во рака, а одозгора го осветлува бела светлина. Во позадината може транспарентно да се наѕира дедо Стефан. Само замислувам колку смешно ќе изгледа гелосаниот Мицковски, скоцкан во одело и бизнис наочари, како вика на говорница: Во новиот завет ќе најдете 1000 проекти за подобар живот! Во новиот завет имаме план за раст на економијата и нови работни места! Тотален хаос.

Факт е дека Мицковски е нов и има уште доста да учи за лидерството, комуникациите и стратегијата. Но овие грешки и недоследности се тие кои во моментов го прават неразбирлив и не му дозволуваат да допре до гласачите. Со ваква стратешка шизофренија тој ги таргетира сите, а всушност не таргетира никого. Просто е. Сега за сега господине Мицковски, многу слабо!

 

Поврзани новости