Страшо Ангеловски до ЛГБТ заедницата: Хомосексуалците треба бесплатно да се лекуваат

by fokus
 
Страшо Ангеловски од МААК  денес ја изненади јавноста со своето тврдење дека според него хомосексуалноста е болест, а хомосексуалците треба да се лекуваат бесплатно во Македонија. Тој ова мислење го постирал на Фејсбук профилот, појаснувајќи го својот став околу ЛГБТ заедницата во земјава.
 
,,Слушам, ЛГБТ заедницата во Македонија е незадоволна дека ја немало во програмите на коалицијата ,,За подобра Македонија’’. Морам да објавам дека дури една од 11-те причини за возобнова на МААК, значи, една од точките во програмата на МААК им е посветена токму ним.

Под број 8 стои: ВОЗОБНОВА, ЗАШТИТА И ПРОМОЦИЈА НА ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ ВРЕДНОСТИ, ВО ЗАШТИТА НА ТРАДИЦИОНАЛНОТО ЗДРАВО СЕМЕЈСТВО МЕЃУ МАЖ И ЖЕНА,КАКО ОСНОВНА КЛЕТКА НА ЗДРАВО ОПШТЕСТВО. ИСТОВРЕМЕНО, ХОМОСЕКСУАЛНОСТА ДА СЕ ОКВАЛИФИКУВА СО НЕЈЗИНОТО ВИСТИНСКО ИМЕ – БОЛЕСТ И ДА ВЛЕЗЕ СО ЦЕЛОСНО БЕСПЛАТНО ЛЕКУВАЊЕ ВО ЗДРАВСТВЕНИОТ СИСТЕМ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА’’ – напиша Ангеловски.
 
На нашето прашање зошто толкав гнев кон ЛГБТ заедницата, и тоа во дваесет и првиот век, кога голем број  хомосексуалци во развиените земји во светот добиваат национални признанија, како на пример музичарот Елтон Џон и многу други, тој вели дека е свесен како хомосексуалноста не може да се искорени, но смета дека би било подобро кога хомосексуалците би си ја чувале сексуалната определба во тајност.
 
,, Прво, здравото семејство, меѓу маж и жена било, е и ќе биде основата на здравото општество и гарант за опстанокот на човештвото, а хомосексуалноста е вирус кој треба да ги инфицира нашите деца. Второ, Елтон Џон и останатите хомосексуалци не ги добиваат признанијата за нивната хомосексуална активност, туку за постигнувања во професиите со кои се занимаваат. И трето, нивната сексуална определба треба да биде нивно интимно чувство, како што е и верата, а не нешто што ќе им го наметнуваат на другите! И јавно, и тајно да го прават, тоа за мене е болест, но доколку го правеа тајно, денес не ќе можевме да се занимаваме со нив. Како што не се занимаваме со некоја друга болест која можеби постои, а ние не ја знаеме!’’ – вели Страшо.
 
Тој додава дека родителите чии деца се хомосексуалци, треба да му бидат благодарни, бидејќи со своите ставови се залагал за нив, исто како што се залагал за децата болни од туберколоза, на пример.
Вики Клинчарова

Поврзани новости