Стопирана е изградбата на гасоводот на Водно

by fokus

Градоначалникот Шилегов денеска ги повика претставниците на надлежните државни органи за изградба на гасоводот на Водно, како и претставниците на граѓанските здруженија кои покажаа загриженост на дебата што ќе се одржи во понеделник (03.09.2018 година) во 13 часот во просториите на Советот на Град Скопје. Тој информира дека се прекинати сите градежни активности за изградба на гасоводот на Водно до завршување на процесот на дијалог и дебата.

„Изградбата на гасоводот на Водно предизвикува загриженост и реакции во јавноста. Сакам да потенцирам дека пред почетокот на градежните активности претходеа интензивни разговори со активистите и со загрижените граѓани и се бараа заеднички алтернативни компромисни решенија. Токму како резултат на овие разговори успеавме да се избориме за намалување на ширината на трасата на гасоводот од 25 на 10 метри и измени на трасата во еден дел од четири километри. Но, и покрај тоа, очигледно е дека во јавноста сè уште постои загриженост за ваквата траса и за изградбата на гасоводот. Јас како градоначалник не можам мирно и немо да го набљудувам овој процес. Од тие причини Град Скопје одлучи во понеделник во 13 часот во просториите на Советот на Градот да организира дијалог и дебата. На оваа дебата ги повикуваме да присуствуваат претставниците на надлежните државни органи за изградба на гасоводот, како и претставниците на граѓанските здруженија кои покажаа загриженост“ – рече градоначалникот Шилегов.

Поврзани новости