СТОКХОЛМ СИНДРОМ

by Фокус 08:58
08:58

“Јас мислам дека тоа е посебен вид на понижување, обидувајќи се да го наметнете “Стокхолм синдромот“ на Србија, кога ги присилувате во својство на жртви, да ве сакаат и да ја признаат и јавно прифатат политиката на придружување кон НАТО“, е скорешна изјава на портпаролот на Руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Ваквиот официјален став на Москва е само круна на политиката на Руската федерација за оцртување на т.н. “линија на огнот“, како што западот ја нарекува истата. Во неа, главната оска е Србија, а покрај другите влегува и Македонија.

- Advertising -

Што е “Стокхолм синдром“

Најпрво за поимот “Стокхолм синдром“. Тој се дефинира како емоционална состојба наметната на жртвата од страна на заложникот, а како резултат на одржување на состојба на континуиран стрес да се поттикне развивање на зависност и потреба да се соработува со цел преживување. Тоа е феномен во кој жртвата започнува да се идентификува и сраснува во симпатија со “киднаперот“, или со причинителот на нејзиното страдање или состојба на подјарменост, заробеништво и слично.

Инаку, поимот се однесува и за многу различни ситуации, како на пример, кога автократската власт во една држава, која опстојува на криминоген начин сериозно долг период, преку медиумска и друг вид на пропаганда и постојани заплашувања, на пример со наводна вмешаност на странски служби кои сакаат да ја растурат државата, потоа преку сеење на страв од поделба на државата и нејзина федерализација, или на пример заплашувања со измислени “украински сценарија“, промена на Уставното име под присила и слично, се сака да се предизвика состојба на континуиран стрес на нацијата, во услови на наметната состојба на загрозеност по живот и по иднината на државата и нацијата. Се́ со цел во услови на стрес, нацијата да развие еден вид на амбивалентна зависност кон “натрапникот“, и тогаш вообичаено жртвите започнуваат да се инфантилизираат до степен на развивање на примитивен став на подаништво, неспособност да се мисли и резонира со своја глава, но и да се одржи слепа послушност кон опресорот.

Најавниот цитат за Стокхолм синдромот ни испраќа порака и за нашиве состојби.

Имено, од тој аспект, време е да се проговори малку подлабоко и за наизглед бетонираните релации помеѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, кои ќе се сложите, се темелот на кој ВМРО-ДПМНЕ се одржува на власт, сериозно долг временски период. Без поддршката на конкретниот албански политички фактор, власта оддамна немаше да биде тоа што е. Но, заткулисно и секој во својот атар, верувам сите се прашуваме колкава е цената која се плаќа за привилегијата, оти ДУИ таквата поддршка, сите сме свесни “дебело“ ја наплатува. За да одржувате на власт некого толку години, секако чини скапо, сериозно скапо. Но, дали до овој момент е испорачана крајната вистинска цена? И какви се́ последици ќе има по македонскиот народ и граѓаните, по државата и иднината на Македонија, ваква каква што ја знаеме, после испораката на вистинската цена за “дилот“?

Моите проценки се дека вистинската цена на чинење на “проектот“ задира многу подлабоко и подалеку од проста бизнис ориентирана математика. Имено, задира длабоко и далеку во гео-политиката, а криминогеноста е само “нус производ“ на таквиот процес.

Раздвижувања на гео-политички план во Југоисточна Европа

Еве ги аргументите, кои произлегуваат од опсервација на моменталните раздвижувања на гео-политички план во Југоисточна Европа, и посебно на Балканот.

Имено, Република Србија со одлука на српскиот Парламент, во декември 2007 година прогласи воена независност, која до ден денес не е проблематизирана од владата на премиерот Вучиќ. Инаку, Србија е членка на Програмата на НАТО, Партнерство за мир. Србија го има усвоено Индивидуалниот акциски план за партнерство со НАТО (IPAP), кој се смета за највисоко ниво на соработка со НАТО за земји не-членки на Алијансата. Официјалните авторитети на Србија, во секоја прилика нагласуваат дека се ревносни во намерата да одржуваат добри воени односи со западните партнери, од кои посебно ги издвојуваат САД. Согласно нивниот План за билатерална соработка со САД за 2016 година, предвидени се дури 127 заеднички армиски и други воени активности, освен образованието и обуките на Српската војска.

Од друга страна, Србија нагласено е заинтересирана и за воена соработка со Руската федерација, за што добива сериозни забелешки, и од Брисел и од Вашингтон. Двете држави имаат потпишано Декларација за стратегиско партнерство, потоа Договор за воена соработка на армијата на Република Србија со Армијата на Руската федерација, како и договор за воено – техничка соработка, и́ сево ова во период од само неколку години.

И тука не застанува соработката, напротив таа сериозно и систематски се продлабочува, посебно на воено-технички план. Во октомври минатата година, значи само пред неколку месеци, потпишан е нов меморандум на Министерството за одбрана на Република Србија со Федералната служба за воено – техничка соработка на Руската Федерација, за да пред неколку недели, официјалните претставници на двете држави посветија сериозно внимание на развојот и унапредувањето на статусот на т.н. хуманитарен кризен центар во Ниш, стратешки позициониран на воздушна оддалеченост од границата со Косово, и базата Бонд стил, од нецели 100-тина километри. Притоа, нагласена е потребата од продлабочување на воено – техничката соработка во правец на тренинг на војска и воен персонал на Српската војска во Русија, како и снабдување со Руско наоружување. Меѓувладина специјална комисија за воено – техничка соработка на двете држави, заседаваше деновиве околу конкретизирање на соработката на воено – технички план и посебно околу модернизацијата на Српските армиски сили. Имено, во план се набавка на системи за воздушна одбрана од среден дострел (Бук и Тор), и од краток дострел (Панцир – С1), како и балистички проектили, но и набавка на неколку Миг-29 Микојан борбени авиони, дополнително на 6-те Миг-29 кои беа набавени во 2013 година. И нормално, ваквиот интензитет на наоружување се оправдува со потребата од контра тежа на Хрватските набавки на оперативно тактичките балистички проектили со дострел до 300 км – MGM-140 ATACMS, од Норвешка.

И секако, иако срамежливо, како по дифолт, на крајот од секое соопштение се додава пријателството на двете земји, како и поддршката која Русија и ја дава на братска Србија во однос на прашањето за Косово и Метохија, согласно нормите на меѓународното право и Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 1244.

Е сега, Рускиот претседател Путин, во периодот кога ја спроведуваше сецесијата на Крим од Украина, го користеше примерот на сецесијата на Косово од Србија како преседан во меѓународното право, на кое и тие имаат право. За да после определен период на време, официјална Русија започне да испраќа обратни сигнали, во смисла на тоа дека и Србија има исто толку право да го ре-унифицира Косово во својата територија, исто толку колку што и Русија има право да го ре-унифицира Крим, што всушност и го стори.

Про НАТО невладините организации во Србија и нивниот Центар за Евро-атлански истражувања, на почетокот на оваа година имаат спроведено истражување според кое 57% од испитаниците од Српската младина смета дека Србија мора да и дозволи на Русија изградба на воени бази, а дури 64% сметаат дека Србија треба да се сврти целосно кон сојуз со Русија. Паралелно со овие резултати од истражувањата на јавното мнение помеѓу младите во Србија, значително опаѓа поддршката за Европските интеграции и расположението кон “демократските вредности“ и западните стандарди на живеење.

Се́ почести се изјавите на многу аналитичари и на дел официјални претставници на Русија дека, исто толку колку што е Крим “срцето“ на Русија, исто толку е и Косово “срцето“ на Србија, како и изјави од типот “ние ќе им помогнеме на браќата Срби…“, кои секако ја подгреваат атмосферата и надежта кај голем дел од популацијата во Србија, во врска со прашањето за Косово и Метохија.

Македонија како линија на огнот

Да се потсетиме и дека Рускиот министер за надворешни работи Лавров, во неколку наврати потенцира дека проширувањето на НАТО на Балканот задира во Руската сфера на влијание, притоа набројувајќи ја, меѓу другите и Македонија. Американскиот потпретседател Кери пак, исто така, во неколку наврати потенцира дека Македонија е на “линија на огнот“, како што тој ги нарекува обидите на Русија да ја помести линијата на разграничување со “западот“ – поназапад, за на тој начин да ги заокружи Романија и Бугарија и полесно да ги подложи на притисок за враќање назад, во “православното јато“.

Е сега, ова намерно го споменувам, оти се насетува дека се развива старо-нова идеологија која слободно можеме да ја подведеме под изразот “путинизам“, според која пан-славизмот во лицето на доминантно православните народи од регионот, добива идеолошка одредница во идејата за возобновување на Византија, но овој пат под Руски хегемон, секако со српско-грчки примеси.

Рускиот институт Модерна Русија, како и многу други про владини истражувачки центри во Русија, сериозно долг период наназад се занимаваат со прашања поврзани со идејата за православно обединување во пан-славизам и создавање на услови за возобновување на Византиската империја. Ваквата стратегија има за цел преуредување на концептот на Европска унија, и прераспределување на лостовите на интереси и влијание на тлото на Европа и Евроазија, но и враќање на улогата на Русија како супер сила.

За волја на вистината, Македонија како држава никаде не се споменува во овие зад кулисни комбинаторики. Но, дали и како територија, Македонија не е во игра? Некако како да се насетува дека зад завесите, државата Македонија е невидлива во ваквиот замислен концепт или поточно кажано, интересот на Русија кон Македонија досега исклучиво до Белград и до Српските интереси и цели за оваа територија, секако во договор со грчките, што одново не враќа на сонот на двоецот Милошевиќ – Мицотакис.

Но, да се вратиме на домашната политичка сцена, погледнато од аголот кој е изнесен погоре.

Имено, во вакви гео-политички констелации, кога имате сигнали од лево и десно дека работите се поместуваат во оваа или онаа насока, секако е потребно јавноста да се анимира, особено интелектуалната и академска јавност, а посебно и кај албанската заедница не само во Македонија, туку и на Косово. Американските избори ќе одлучат за многу работи, меѓу кои и за сериозни гео-политички поместувања на постојната сцена и во Југоисточна Европа, исто така.

Прашања за ДУИ и за Косовските авторитети: Што во случај ако новата власт во САД одлучи да го намали или прекине военото присуство на Бондстил во Косово? Што во случај ако хуманитарниот центар во Ниш, навистина прерасне во воена база на Русија во овој дел на ЈИЕ? Прашањава се легитимни и како можно сценарио за размислување. Што ако се поместат стратегиските интереси на западот во друг правец и Балканот се остави на ветрометината на разни интереси и влијанија? Ќе има ли сила Косово да ја одржи неговата независност или според Рускиот модел за Крим, истото ќе биде насилно подложено на ре-унификација со Србија?

Прашања и за нас овде во Македонија? Што ако во таков расплет на настани, повторно се соочиме со бран од 500.000 бегалци од Косово во Македонија? Што ако тој притисок резултира со нов внатрешен конфликт, според сценариото од 2001 година? Што доколку се остварат само дел од овие сценарија и не́ затекнат како држава неподготвени да се справиме со предизвиците на моментот, разединети одвнатре, поделени по сите основи, ослабени од корупција и криминогеност до бескрај, задолжени до гуша без простор за евентуалните нови интервентни потреби во делот на безбедноста на државата?

Дали ДУИ и ВМРО ДПМНЕ работат на поделба на Македонија?

          Ајде сега да се вратиме на првичното прашање, дали е сево ова интересот на ДУИ поради кој ја одржува на власт ВМРО-ДПМНЕ? Дали интересите на овие две партии им се совпаѓаат во делот на распад на државата и нејзина извесна внатрешна поделба, но во таков расплет се́ поизвесна и надворешна поделба?

Дали македонската јавност и нацијата ќе дозволат да се плати толку висока цена за да се одржи на власт ВМРО-ДПМНЕ? Дали овие евентуални погубни сценарија за македонската нација се интерес и концепт на постојната номенклатура на власт? Досега не добивме сигурна увереност во намерите Македонија да влезе во НАТО освен декларативни заложби, исто така ниту во ЕУ? Добивме само замена на тези, дека влезот во ЕУ и во НАТО се по цена да се изгуби името и идентитетот, што е безобразен нон сенс.

Македонија влегува во најкритичната фаза од своето постоење, кога без претерување, нацијата одлучува за правецот на идниот развој и за перспективите на сегашните и идни генерации. Дали сме доволно зрели како нација за носење на исправни и вистински одлуки, во право време? И дали имаме воопшто право на носење на одлуки без да ги знаеме во најситни детали идните политики и сценарија на било која идна власт? Па дури потоа да одлучуваме за нивото на доверие, кон било која идна политичка гарнитура.

Кога вадите авионски билет, прво прашање на кое треба да одговорите, е прашањето кон која дестинација целите. Истото прашање, важи и во услови на избори, особено поради брзите и непредвидливи процеси на глобализација во светот: Целиме ли кон оската Москва – Скопје – виа Белград, или кон НАТО и ЕУ, без компромиси и со понудена сигурна увереност во стратегиските цели? ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ секако, а посебно ДУИ, но и секој иден претендент на власта, ќе мора да дадат сигурни и прецизни одговори пред своето гласачко тело, оти скриените намери брзо излегуваат на виделина, и уште побрзо се топи т.н. “credibility of statement”, или доверието во вашите искази во јавност.

Чинам дека дихотомијата во перцепциите за овие стратегиски прашања на коалицискиот двоец ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ ќе ја одземе перспективата и ќе ја доведе идната нивна соработка на стаклени нозе. Освен во случај доколку и двете партии имаат скриени агенди кои не можат поинаку да се дефинираат, освен како однапред планирано сценарио за велепредавство на државата. Сомнеживе набрзо, ќе ја видат или не, виделината на денот. Но, дали ние ќе ги пресретнеме или ќе не замрачи и́ нас “Стокхолм синдромот“?

авторот е Претседател на ИНТЕГРА Институт за доблесна и вредносна политика и еден од фронтмените на ФРОДЕМ

Поврзани новости