Стојне Николова: Татко ми почина пред да ме носи на настап, беше претешко, но не потклекнав!

by Fokus

Откако пред десеттина години се појави на фолк сцената, младата пејачка Стојне Николова убедливо стана препознатливо естрадно име, и важи за една од најнадежните млади пејачки кај нас.

Кариерата ја започна на свои 15 години, со авторска песна, а сега зад себе има низа на награди од фолк фестивали во земјава и соседството. Има редовни настапи во локали, зад неа стои продукциска куќа и континуирано работи на нови музички материјали.


Нејзините блиски ја опишуваат како скромна и тивка, професионална на сцена, а малкумина знаат за нејзината животна приказна и загубата на татко и, која и го променила животот од темел.

За ,,Фокус” Стојне, која по потекло е од Струмица, се присетува за тешкиот период, кога на свои 16 години го изгубила родителот кој и бил најголема поддршка, ненадејно, пред девет години.

-Се објави во некои медуми веста дека сум му посветила песна на татко ми Митко… Тоа се нема случено и засега не ми е во план, бидејќи ова е тешка тема за мене, за која се уште не сум подготвена да зборувам во јавност.


Татко ми ми беше најголема поддршка кога е музиката во прашање, и бидејќи многу млада започнав да настапувам, тој беше со мене на секој настап. На мои 16 години ни се случи трагедијата, и тоа во моменти кога се подготвувавме, требаше да ме носи на настап, сосема ненадејно животот ни се смени од темел. Тој доживеа мозочен удар, си замина неочекувано…

Животот ми зададе голем удар, но јас морав да продолжам-раскажува Николова.


Вели дека татко и починал во период пред новогодишните празници, кога веќе имала договорени настапи. Собрала сила и повторно застанала на сцената, бидејќи знаела дека и тој би сакал така да биде, да не се откажува од песната.

-Морав да продолжам многу бргу по неговата смрт, поради однапред договорените настапи. Тешко беше, но од оваа перспектива, гледам дека подобро е што не направив поголема пауза. Музиката ми дојде како лек, а и татко ми најмногу сакаше да пеам, да не се откажувам од својот сон.

По неговата смрт, на секој настап потоа ме придружуваа моите браќа. Тие дојдоа на неговото место, и преблагодарна сум за се на моето семејство.

Ние имавме навистина тежок период, но заедничката поддршка и охрабрувањето беа клучни да продолжиме напред – вели Стојне.

Додава дека ја подготвува новата песна за која ќе биде снимен и видео запис. Се работи на нумера со брз ритам, раскажа пејачката која зад себе освен авторски песни, има и преработки на традиционални македонски песни.

Вики Клинчарова

Поврзани новости