Само од набавка на битумен од страна на „Македонија пат“, на тендер од 10 милиони евра, заради крајно високи и непазарни цени во документацијата, постои сомнеж за криминална заработка од над 4 милиона евра, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
-Македонија пат на 9 мај склучила договор за две години со компанијата Топ Билд ДООЕЛ од Скопје, член на група: Хифа Оил од Тешањ – БИХ, како носител на набавка на 9.350 тони битумен. Тоа се вкупно, броено во цистерни 374 цистерни за транспорт по 25 тона битумен. Цената на битуменот се гледа на берза, и таа е еднаква за сите и изнесува 592 евра за тон – вели Стоилковски.
Тоа што е променливо и што ги прави промените во цените при набавка, додаде тој, се трошоците во делот за транспорт до оној што го порачува, давачки кон државата и заработка од транспортот.
-Македонија пат склучила договор од 1.069 евра за тон вкупно, па ако се иземе цената на битуменот од 592 евра, излегува дека трошоците за транспорт се 487 евра за тон. Или помножено со 25 тона, тоа се 12.175 евра за цистерна, со што вкупно, за сета набавка се добива сума од речиси 4,5 милиони евра за транспорт – вели Стоилковски.
За споредба, истакна тој, ЈП Улици и патишта Скопје пред 2 месеца склучува тендер за битумен во која што документација за една цистерна битумен се добива за 1.185 евра, додека „Македонија пат“ за 12.175 евра.
-Тоа се безмалку 11.000 евра разлика во цена по само една цистерна. Набавката е за 374 цистерни, пресметано во пари, тоа е над 4.милиони и 100.000 евра само од разликата во цена меѓу Македонија пат и Улици и патишта од Скопје – вели Стоилковски.