Стоилковски: Пред референдумот треба да сопрат сите тендери и вработувања

by Фокус

Во период пред референдумот, на кој гласачот се определува за политичка опција, политичка понуда, дали се согласува или не, мора да запрат сите тендери и огласи за времени вработувања бидејќи се криминално дело – корупција за изборни цели, порача Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

-Но наместо да се сопре, сега власта со сета ароганција вели – злоупотребите на државните ресурси во полза на една политичка опција се за општо добро! А што е општото добро кога цела кампања, како што и се претпоставуваше, не е во релација со темата поставена на референдум односно нема ниту збор за капитулантскиот Договор/Спогодба со која се брише македонскиот идентитет, македонската историја, македонската посебност, а македонскиот народ и држава со еден потпис се претвораат во вештачка, измислена творба, по урнек на најголемите антимакедонски крвници во историјата – рече Стоилковски.

Според него, се она што во нормални, напредни, проевропски, светски, НАТО држави се смета за корупција и криминал, овдешната власт го смета за општо добро.

-А што е тоа општо добро кога во сите државни ресурси се ставени во функција на одбрана на една политичка партија во предизборен, пардон предреферендумски период? Владата признава дека секојдневните активности на министрите ќе бидат во функција на партијата, во пресрет на референдумот. Притоа се злоупотребуваат ресурси и буџетот и моќта за влијание. Тоа не е општо добро тоа е општа корупција и злоупотреба на власта за партиски цели, за купување, за корупција на гласачкото право на граѓаните – истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости