Стоилковски до директорот на БЈБ: Живееш во стан на пиштолџија и насилник што го заштитуваш!

by Фокус

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, на денешната прес конференција испорача сериозни обвинувања до директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски.

Прво, Стоилковски објави видео, на кое, според него, се гледа лицето Самед Мисини од Ласкарци, кој во јули 2022 година испукува најмалку една цела рамка од огнено оружје.

-Пукањето е кривично дело член 396 став 2. Покрај пукањето, Мисини се поврзува и со насилство против изборите за бркање на гласачи и набљудувачи во Ласкарци, како и со напад и тепање на бизнисмен во кабинетот на Шилегов веднаш по локалните избори, кога при полициска интервенција пронајдено е и оружје.

Секако, нема казна за Мисини. Мисини е бизнисмен, градежник, добитник на тендери од Скопје под Шилегов, а до сега иако има повеќе документи за дела во полицијата, никогаш ништо не е реализирано. За кривичното дело што го видовте, има оперативен извештај до Единица за недозволена трговија, но не се преземени никакви оперативни мерки. Нема претрес, нема барање на оружјето, нема казна – рече Стоилковски.

Според него, причина за неказнувањето е што главен гостин и сведок на пукањето, што се случило на свадба кај Мисини, е директорот на БЈБ Тасевски со семејството.

-Нема јасна поделба помеѓу тој што треба да го гони криминалот и да биде ортак со него! Оттука, Оливер Спасовски и Сашо Тасевски, мора да одговорат дали е нормално наместо Мисини за случајот да бидат казнети полицајци? Дали е нормално вакво пукање да се случува пред очи на директор на БЈБ? Дали е нормално директор на БЈБ да биде во блиски пријателски семејни врски со човек којшто пука, тепа, и насилно попречува изборен процес? Колку пати Мисини бил гостин во полицијата во кабинетот на Тасевски? Но, и кога Тасевски ќе го пријави до ДКСК станот во којшто живее од пред нова година, стан во една од зградите изградени од Мисини? – праша Стоилковски.

Поврзани новости