Стоилковски: Дали Клиниката за хематологија се претвора во приватна клиника на Пановски?

by fokus

Семејната фирма на директорката на хематологија добила милионски тендери од министерството за здравство, владата за тоа молчи. Ова е скандал од невидени размери. Во три тендери Клиниката за хематологија доделила над 3 милиони евра на веледрогеријата „д-р Пановски“. Директор на клиниката, Ирина Пановска Ставридис е ќерка на Златко Пановски, сопственикот на веледрогеријата, изјави денеска Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој порача дека премиерот Заев и министерот за здравство, Венко Филипче, мора да одговорат дали Клиниката за хематологија се претвора во приватна клиника на Пановски

„За власта нема ништо спорно, нема судир на интереси, нема злоупотреба на службена положба, нема корупциски скандал? Дали ова не е параван државните пари да завршуваат на приватни сметки? За жал, ова не е и нема да остане единствената афера поврзана со директорите на клиниките кои во семејни врски со веледрогерии и компании со кои клиниките имаат договори си ги вртат парите. Вакви врски има во уште најмалку пет клиники под раководство на Филипче и Заев. Од татко на ќерка, од братучед на братучед, од брат на брат. Од клиниките се слеваат огромни пари во приватните џебови на неколкумина. Во периодот што следи најавуваме ќе ги објавиме овие информации. Со СДСМ на голема врата се враќа белата мафија во здравството. Имаме приватизирано тендер здравство во кое се бројат црните милиони и растечките смртни случаи“, рече Стоилковски.

Поврзани новости