Стинг на концерт во Скопје

by fokus 10:27
10:27

Во рамките на големата светска турнеја „57th & 9th“ по повод истоимениот албум, на 15 октомври во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, концерт ќе одржи Стинг, едно од најголемите светски музички имиња на сите времиња.

Стинг, заедно со Ролинг Стоунс, Брус Спрингстин, Ју-ту, Депеш мод, Колдплеј…, е претставник на таканаречената А листа на артисти од областа на рок музиката.

- Advertisements -

Стинг е веќе на промотивна светска турнеја од февруари годинава, во која ги опфаќа сите континенти. Дел од летото му е резервирано за Европа, а на почетокот на септември настапува во Јужна Америка, додека во Европа повторно се враќа со серија на концерти од средината на септември до крајот на октомври.

На оваа турнеја, Стинг свири неколку песни од навистина извонредниот нов албум, како и најголемите хитови од неговата соло кариера: „Fragile“, „Desert Rose“, „Fields of Gold“…, како и од времето на легендарната група Полис: „Message in the bottle“, „Walking on the moon“, „Every breath you take“…

Авалон продукција информира дека го потврдила концертот на Стинг на 5 мај, а според инструкциите на менаџментот на Стинг, како ден за објава на ова шоу е одбран токму денешниот ден.  Сите информации поврзани околу продажбата на влезниците за овој навистина голем настан ќе бидат објавени вечерва во 20 часот.

 

Поврзани новости