Стефановски и Спасов свиреа на македонско-бугарското чествување на Св. Кирил во Рим

by fokus

Вчера во Палата Брачи на Музејот во Рим, во рамки на програмата на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, се одржа заедничка културно – уметничка програма од страна на Министерствата за култура на Република Македонија и Република Бугарија, на која настапија музичките уметници со светско реноме, Влатко Стефановски и Теодосиј Спасов…

На настанот, на кој присуствуваа и министерот за култура на Република Бугарија, Боил Банов, митрополитите на МПЦ Пимен, Јосиф, бискупот д-р Зоран Стојанов и други видни гости, пред присутните се обрати министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, кој го истакна неговото задоволство што со автентичниот концерт на добрите пријатели и светски музичари – Влатко Стефановски и Теодосиј Спасов, го празнуваме Денот на сесловенските просветители Св.Кирил и Методиј и на тој начин се поклонуваме пред нивното грандиозно дело.

„Нашата земја, речиси пет децении преку манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил” е дел од глобалното одбележување на неуморната работа на словенските просветители, кои преку својата мисија го поврзаа Истокот и Западот и оставија богато духовно наследство за човештвото. Годинава, задоволството на традиционалното празнување во Рим за нашата земја е уште поголемо, зашто го одбележуваме овој ден заедно со нашите пријатели од Република Бугарија, на највисоко институционално ниво. И низ ова заедничко чествување, ја демонстрираме нашата недвосмислена определба за унапредување на добрососедските односи, продлабочување и интензивирање на соработката во културата и во сите други области. Верувам дека владите на двете пријателски земји ќе продолжат заеднички се залагаат за прогресивни општествени процеси кои ќе обезбедат рамноправни европски перспективи за целиот регион“, нагласи министерот Алаѓозовски.

Поврзани новости