Ставриќ и Андоновски: Лекарите што ги отворија собраниските врати се убијци, кои овозможија крвопролевање, не смее да им се довери здравјето на пациентите

by Fokus 21:32
21:32

Пратеникот Сашо Василевски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој по професија е интернист во охридската Општа болница и доктор Љубен Арнаудов, кој пред да стане пратеник беше директор на истата болница се двајца од седумте пратеници што ги отворија собраниските врати за толпата народ да влезе внатре во Законодавниот дом, каде што вечерта на 27 април беа нападнати пратениците од парламентарното мнозинство.

Карактеристично во последните неколку години, за време на владеењето на ДПМНЕ е тоа лекарите се доста активирани во политиката, при што повеќето од нив учествуваа на протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“, а дел беа присутни на сите организирани контра-протести, без разлика дали се работи за протест на лекари или пак на студенти и професори. На многумина од нив, исто така имињата можеа да им се најдат и на листите на професорскиот контра-пленум.

- Advertisements -

Откако во јавноста излегоа видео снимките на кои јасно може да се како докторите Василевски и Арнаудов ги отвораат вратите и ја насочуваат толпата народ на каде да се движи, со реакции се јавија дел од нивните колеги револтирани од постапката на двајцата доктори, кои според нив, ја погазиле Хипократовата заклетва.

Доктор Дејан Ставриќ, очен хирург и поранешен претседател на Самостојниот синдикат на скопските клиники вели тие доктори не смеат повеќе да го носат тоа звање.

– Ќе приложат бодови од присуства на конгреси и симпозиуми и ќе им се продолжи лиценцата за работа како лекари?А, од друга страна учествуваат во организиран линч на луѓе, државен удар, атентат и масовно убиство со умисла??? Тие не се луѓе, а за доктори да не зборуваме бидејќи лекарите треба да бидат подобри и поморални од другите луѓе, а не животни како што се прикажаа. За нив не можам повеќе да го изговорам зборот колеги – истакна доктор Ставриќ во изјава за „Фокус“.

Тој додава дека на овој начин покажале колку им значи човечкиот живот и здравје. Според него, тие се убијци, не лекари.

– Ако по некоја неверојатна околност и останат на слобода и продолжат со лекарската пракса, нека се сеќаваат идните пациенти на кого ќе го доверат своето здравје. Во вертикалата на одговорноста за делата што ги кажавме погоре, овие лекари пратеници се некаде на средината. Над нив по одговорност е нивното партиско раководство, а под нив оние бедници и уличари кои го извршија директно нападот. Кога ќе имаме чесно правосудство, треба да бидат казнети со по една до повеќе години затвор. Доживотен – тврди Ставриќ.

Според очниот хирург, истата таква одговорност ја имаат и судиите, кои деновиве ги пуштаат на слобода убијците, кои ги погазиле својата професија, моралот за сметка на лични и партиски интереси.

Со сличен став како него е и педијатарот Ангелчо Андоновски, кој прашува дали човек кој што положил Хипократова заклетва може да биде крвник?

– Луѓето кои го потпомогнаа отворање на вратите на собранието се лекари, а дали се лекари? Наши колеги лекари што станаа пратеници кој заради лични или партиски интереси дозволија крвопролевање на невини луѓе преминаа во групата на ниско интелектуални личности. Личности кои подржуваат насилство и мрак.Се надевам дека правдата, судската и народната ќе ги стигнат наскоро! Сметам лично дека повеќе не треба да ги сметаме за колеги. Треба да им стане на сите јасно дека лекарите не се крвници, туку спасители дури и во војна без разлика на која страна се! Овие колеги се покажаа како резил за нашата фела, а и нација – вели доктор Андоновски.

Сепак, сите се со ставот дека Лекарската комора, која доби нов претседател мора да с е огласи со став во врска со случувањата во Законодавниот дом во кој учествуваа лекарите.

Абдоменалниот хирург Милчо Пановски вели дека новото раководство на Лекарската комора треба да почне да го штити угледот на лекарите, со тоа што ќе го исчисти, како што вели „коровот“ од своите редови.

Ирена МУЛАЧКА

Поврзани новости