Стаменковски: Привилегираната портпаролка Паула провокативно ми се обрати, јас ја игнорирав

by fokus

Раководителот во секторот за човечки ресурси во Основниот суд Скопје 1, Горан Стаменковски го демантира претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски за вчерашниот инцидент и вели дека физички не ја нападнал портпаролката на Судот.

Стаменковски тврди дека Панчевски дал укажување во кое поставил норма од по 400 предмети за секој судски службеник во одделението за санкции. Тоа, вели  Стаменковски, го предизвикало да најави дека ќе повика Трудова инспекција во врска со „незаконското постапување на Панчевски“. Откако се случило тоа Панчевски почнал да ги повикува еден по еден кај него колегите на Стаменковски.

-Претседателот на Судот почна да ги повикува сите што го потпишаа укажувањето и да им се заканува дека уште ќе им ја зголемел нормата и оти ќе ги прател во Одделот за прекршоци. Тоа резултираше со емотивни реакции на службениците, кои од неговиот кабинет излегуваа расплакани, вознемирени и револтирани. Дента кога тоа се случуваше, јас отидов во мојата претходна канцеларија за да си земам некои лични работи. Во канцеларијата беше судијата Славјанка Јанковска и привилегираната портпаролка Паула. Вознемирен од сѐ што се случуваше дента, побарав со повисок тон од Паула да се потргне од местото кај што седеше, за да можам да си ги земам работите. Со неа, а ни со судијата Јанковска не разговарам подолго време, па ме збуни реакцијата нејзина, бидејќи ми се обрати дрско и провокативно. Јас сето тоа го игнорирав и си излегов од канцеларијата, вели Стаменковски.

Подоцна тој бил известен дека против него имало пријава во полиција. Стаменковски смета дека за пријавата особено се заложил претседателот Панчевски, за кого разбрал „дека се јавувал и молел во обвинителството и во полицијата случајот да се издигне на ниво на кривично дело“.

Поврзани новости