Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници е запрепастен и згрозен од упадот во програмата и легитимирањето на водителот на емисијата на Канал 103 во МРТВ. Истакнуваат дека станува збор за директна, груба цензура која компплетно ја соголува драмтичната состојба со слободата на информирањето во МРТВ.
Скандалот се случи во вечерашната емисија која одeше на радиото Канал 103, кога имаше директен упад од страна на обезбедувањето во зградата на македонската радио телевизија.
Додека тече емисијата, наеднаш се слуша непознато лице кое на водителот на емисијата му наредува да ја прекине програмата и да му ја даде својата лична карта со цел легитимирање на истиот.
Службеникот кој побарува документ за лична идентификација вели дека спроведува наредба од шефот и му се обраќа на дрзок начин на водителот да оди пред него! Постои сомнеж дека ваквиот третман водителот го „заслужил“ бидејќи го поканил Стојанче Ангелов да му гостува во емисија
„Никакви правила и процедури не можат да го сокријат фактот дека на водител на емисија му е оневозможено на најгруб и насилнички начин да ја врши својата работа. На отворен микрофон го слушнавме „обезбедувањето“ на МРТВ како без каква и да е задршка го легитимира водителот и го отстранува од програмата. ССНМ најостро го осудува ваквиот чин и бара одговорност од раководството на МРТВ, како и објаснување чие обезбедување влегло во програма на отворен микрофон, на МРТВ или на приватна компанија за обезбедување?“, реагираат од ССНМ.
Од ССНМ најавија дека за овој инцидент ќе ги информира сите меѓународни новинарски организации, вклучително и Меѓународната и Европска федерација на новинарите.
„Воедно ССНМ по вчерашниот инцидент искажува јавна поддршка на акциите и протестите за начинот на работата на јавниот сервис и ги повикува сите новинари и медиумски работници целосно да се солидаризираат со колегите во МРТВ и да го искажат својот револт за состојбата во која се доведени нашите колеги. Ова не може и не смее вака да продолжи“, истакнуваат од новинарскиот синдикат.