Општина Центар ја сруши импровизираната градба која беше подигната покрај тротоарот кај Народна Банка на Република Македонија од страна на граѓани од ромска националност.
Колибата предизвикуваше внимание во јавноста, затоа што се наоѓаше веднаш до тротоарот, а во неа живееја граѓани кои во студените денови се загреваа со ќумбе вградено во живеалиштето.
Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, информираше дека дивоградбата е отстранета од општинскиот Сектор за инспекциски работи и со придружба на техничка механизација. Живеалиштето, како што вели тој, било изградено претежно од душеци и градежен шут, не поседувало никакви дозволи и одобренија издадени од општината и било извор на болести и зарази за жителите на овој дел на Центар.
„Ја известувам јавноста дека сите оние граѓани кои не поседуваат соодветна документација, дозвола или одобрение за градба на територија на општината ќе бидат санкционирани во согласност со законите во Република Македонија“, порача тој.