Срцето ми кажува дека детето ми е живо и здраво, ве молам помогнете да го најдам, апелира Снежана од Демир Капија

by Fokus

Последен пат си го видов синот Иле на втори април, кога излезе од дома. Помина април, помина мај, еве и јуни дојде, моето дете не може да се најде. Ми се наруши здравјето од грижи, си зедов годишен одмор од работа, не можам да функционирам повеќе – во телефонски разговор за ,,Фокус” раскажува Снежана Лазаревиќ од Демир Капија, чиј син Илија (30) се води за исчезнат повеќе од два месеци.

Снежана вели дека чувствува како детето и е живо и здраво, и прашува што треба да стори за да надлежните служби покажат поголема ажурност во истрагата.

-Да беше дете на полициски инспектор, да беше син на политичар, вака ли бавно ќе се одвиваа работите? Немаше ли да се пребара секое дрво и камен? Последен пат бев во Полициската станица во Неготино пред околу две –три недели, сакав да разговарам со инспекторите. Немаше ништо ново. Од тогаш, мене никој од надлежните ниту ме побарал, ниту ми се јавил да ми каже до каде е истрагата, тапка ли во место, има ли некои нови сознанија…

Можеби Иле е киднапиран, можеби некој го држи против негова волја и не може да се јави. Можеби чека да биде најден и му треба помош… Можеби е против негова желба однесен надвор од земјата, секакви мисли ми доаѓаат – низ плач раскажува мајката.

Појаснува дека никогаш не се случило син и да замине, без да ја информира каде се наоѓа. Последен пат мобилниот телефон му бил лоциран после старите тунели кај Демир Капија, а за целото време не се вклучил ниту на една социјална мрежа.

-Барам одговори и не дозволувам случајот да падне во заборав! Можат да ме разберат само оние кои минале низ слична ситуација, ова е една агонија и неизвесност која трае предолго. Веќе три пати ми се случува да започнам да крварам од носот, не можам да спијам, опаѓам физички. Кошмар за секој родител!
Апелирам и до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, да се ангажира, да види до каде е истрагата, дали и што се работи по повод случајот. Не може децата да ни исчезнуваат без траг во мала земја како Македонија. Во кој град и да се појавел, Иле сигурно ќе бил забележан од некого, фотографиите од него се објавија во многу медиуми-вели Лазаревиќ.

Фотографија и личните податоци на Илија Лазаревиќ се објавени и на страницата за исчезнати лица на МВР. Покрај него, како исчезнати се водат уште околу 60 лица од земјава. Голем број од исчезнатите се на возраст од 30 до 40 години, но се трага и по деца и малолетници, на кои им се изгубил траг пред повеќе години.

Вики Клинчарова

Поврзани новости