Српските медиуми во емисија обвинуваат за несредениот гроб на Есма, нејзиниот внук вели дека од Бутел му создаваат препреки

by fokus

Гробот без спомен плоча на една од најголемите хуманитарки во регионот, Есма Реџепова – Теодосиевска повторно се најде во центарот на вниманието на јавноста. Ако лани за истиот се пишуваше во нашите медиуми, сега и српските весници и телевизии се заинтересирале за случајот. Изминатата недела екипа на српска телевизија снимила репортажа на нејзиниот гроб, но и во куќата на Кале, и отворено порачаа – Есма не го заслужи ова!

Кога минатата година ,,Фокус’’ ја објави веста за запуштениот гроб на кралицата на Ромската музика, се јави нејзиниот внук од брат, Аднан Реџеповски, кој долги години живее и работи во Германија. Тој, како близок роднина на музичката ѕвезда ни раскажа дека се работи на идејно решение околу тоа како би изгледало гробното место на Реџепова и како се ангажирани врвни професионалци. Исто така, раскажа дека народот ќе биде вчудоневиден од убавината на планираната спомен плоча, за која вети дека најдоцна за една година ќе биде готова.

Денес, спомен плочата на Есма се уште не е изработена. Аднан вели дека тешко му паѓаат сите новинарски приказни и обвинувања дека семејството не сака да го среди гробот на уметницата, но тврди дека вистината секогаш има две страни. Според него, вината во одолговлекувањето на изградбата лежела во лица вработени на гробиштата во Бутел.

-Минатиот месец дојдов во Скопје, со цел да се среди гробното место што е можно побргу. Но, не очекував дека ќе наидам на препреки, и тоа од страна на Бутел. Кога прв пат им кажав на вработените во Бутел, извесни Буцо и Анета, дека ние како семејство ќе го средуваме гробот, ни рекоа дека тоа е во ред и дека нема да имаме никакви пречки. Но проблемот се јави кога им кажавме дека ќе ангажираме приватна фирма за средување, а не нив. Се работи за компанијата ,,Цветковиќ’’ која ни понуди разумна цена. Гробното место треба да биде на три нивоа, односно на три ката, во гранит со црна и розева боја, имав замисла да се изведе и нешто како мала бина, да се постават бистите… Но од Бутел сакаа тие да го изработат, наместо приватната фирма, а ни понудија решение во мермер, што не ни се допадна. Кога им кажав дека дефинитивно гробот ќе го средува Александар Цветковиќ и неговата фирма, започнаа препреките – раскажува Аднан.

Тој додава дека сега, Цветковиќ постојано имал административни препреки и не можел да започне со работа.

-Од фирмата си поднеле барање за изградба на гробот, како што е редот. Тогаш им било кажано дека треба да донесат некоја потврда од Сојузот на борците. Од Сојузот пак, зачудено им кажале дека Есма не беше борец, и нема што да се бара некаква потврда од кај нив. Сега, фирмата чекала потврда од градското собрание, и целата работа како намерно да се одолговлекува. И додека се средуваат сите административни работи, додека наидуваме на препреки, народот го обвинува семејството за негрижа на гробното место. Верувајте, моја желба е што побргу да го завршам гробното место на тетка ми, со која бев доста близок. Затоа, медиумите наместо да не напаѓаат нас, семејството и луѓето кои ја сакавме Есма, нека побараат одговор зошто работата се завлече на друго место – тврди Реџеповски.

,,Фокус’’, стапи во контакт и со Александар Цветковиќ од компанијата ангажирана да го изгради гробот на Есма. Тој вели дека работата долго време се завлекува и како од Бутел им било кажано дека е испратено барање до Град Скопје, а од таму се чека одобрение.

-Значи, Бутел е овде управител и од нив се чека зелено светло. Ни рекоа дека го чекаат одобрението од Град Скопје, а кога точно ќе стигне тој документ, немаме информација. Имало некои шпекулации дека наводно постоела можност и државата да го прави гробот, и ние не знаеме веќе каде да се обратиме, ни останува само да чекаме. Семејството на Есма исто така е под притисок, иако со луѓето потпишавме договор, уредно си оставија капар… Јасно ни е дека јавноста е иритирана поради завлекувањето, но веднаш штом од Бутел ни одобрат, ние ќе започнеме со работа – ни изјави Цветковиќ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости