Српскиот епидемиолог Кон: Мора да воведеме вонредна состојба, ова не е игра

by Fokus

Затворање на сè освен на аптеките, продавниците за храна и бензинските пумпи, е предлогот на медицинскиот дел од Кризниот штаб во Србија откако бројките на заразени секојдневно растат. Вонредната состојба нема алтернатива, во спротивно сѐ што направивме досега ќе биде залудно, изјави денеска епидемиологот Предраг Кон, кој е еден од членовите кој се залага за вонредна состојба во земјата.

Според него, единствена мерка што ќе даде резултат е спречување на контактите. Изминатиот викенд беа воведени тест-мерки, кои подразбираа работа на кафеаните и трговските центри до 14 часот.

Но, според главниот српски епидемиолог, тие не се ни од далеку она што ѝ треба на Србија во овој момент.

-Ваквите мерки, кои беа за време на викендот, не се она што медицинскиот дел од Кризниот штаб го побара, ние баравме далеку поостри, сè да се затвори освен продавници за храна, аптеки и пумпи, за да се сфати сериозноста на ситуацијата, и не само да се сфати туку и да се стави крај на синџирот на пренос, нагласува Кон.
Тој посочува дека вонредната состојба нема алтернатива.

-Целата тежина на одговорноста мора да ја преземе целото општество, на медицинскиот дел од Кризниот штаб му е јасно дека оваа мерка е економски удар, но без оглед на тоа, станува збор за мерка што штити животи и за тоа мора да зборуваме отворено и јавно. Предлогот е дека незаштитените контакти мора да бидат забранети, во спротивно сѐ што направивме досега ќе падне во вода и само тогаш ќе биде јасно што значи тоа, кога ќе се распадне здравствениот систем , изјави епидемиологот за РТС.

Тој потсетува дека и граѓаните мора да разберат дека ова не е игра.

-Има мал процент на луѓе што ги загрозуваат сите други, а во таква ситуација едно лице се чувствува фрустрирано затоа што дури и инспекциите што се сатиризираат на терен не можат да го постигнат тоа, не може за секој човек да има по еден полицаец, мора да има нешто во главата, да се разбере дека ова е смртоносна болест… Вирусот е насекаде околу нас, никој не разбира кога се вели дека вирусот е во циркулација, вели Кон.

Тој посочува дека има докажано присуство на британскиот вид на вирусот, кој има далеку посилен потенцијал.

Тоа според него би значело дека и со истите мерки тој ќе се пренесе многу поефикасно.

 

Поврзани новости