Српската полиција го уапсила екс првиот цариник Даравелски

by Фокус

Поранешниот директор на македонската царина Драган Даравелски утрово е уапсен од српската полиција по распишана потерница од страна на македонските власти.

Од Министерството за внатрешни работи неофицијално за Фокус ја потврдија оваа информација, додавајќи дека екстрадицијата може да се случи уште во текот на денешниот ден.

Оваа постапка формално ја води Министерството за правда, кое го потпишува барањето за екстрадиција со целокупната судска документација, а македонската полицијата треба да ја спроведе откако лицето ќе биде транспортирано до границата.

Инаку, Даравелски е осуден со правосилна судска пресуда дека проневерил 2,5 милиони евра додека беше директор на Царинската управа во периодот 1999-2002 година.

Набргу потоа му беа поднесени неколку кривични пријави за злоупотреба на службената должност и овластувања по разни основи.

За целиот овој период тој живееше и работеше нормално во Белград, се до денес кога српските власти по долги години го реализираа барањето за екстрадиција од македонска страна.

Поврзани новости