Феноменалната субвенција во пари и алкохол што за возрасни парови ја дава општина Лозово не остана незабележана во светот. Оваа поволност одлучија да ја искористат стотици вљубени средовечни новопечени мажи и жени, а според информациите на “Коза ностра” уште илјадници се на пат кон Лозово.
– Овде е прекрасно. Субвенцијата е топ, човече, ракијава ви е џам, мислам, значи топ… Орце ни е кум… Орце ела бе! Многу јак чоек… Виното за трезнење го чуваме, за по пут… Чекај до ве-це не оди нигде… (По пет минути) Шо ти зборев. Инге, стани мори. Децава се од… Од кај сте? Од “Курир”. Да не бе беше Инге, да ја е… Значи, со госпоѓава се знаеме неколку дена, но си викаме ај па шо, ќе опнеме една свадба и така кај нас сега е темница, ко ќе се раздени веќе ќе си бидеме разведени – вели еден 47-годишен младоженец од Норвешка за репортерите на “Курир”.
Градоначалникот на Лозово од редовите на антиалкохолистичката ВМРО-ДПМНЕ Орце Цветковски презадоволен од одзивот на субвенцијата во светот, очекува сличен ефект и кај македонските жители на оваа општина. Тој на средовелните младоженци им дава 20.000 денари општински пари, и по 50 литра ракија и 100 литра вино за да се (од)земат.