Средношколците маршираа против екстерното тестирање

by Фокус

Ученици од велешките средни стручни училишта, заедно со родители и професори, денеска излегоа да маршираат во знак на протест поради новиот модел на државна матура и начинот на кој се полага екстерното тестирање.

Со извикување „Не сакаме екстерно“ и „Не сакаме математика“, тие најавија дека нивните активности ќе продолжат додека не бидат слушнати нивните барања, а од понеделник активно ќе се вклучи и Средношколскиот пленум. На маршот ги повторија барањата кои им беа пратени на надлежните институции од каде чекаат одговор.

„Фаворизирањето на краткотрајно меморирање на факти го обезвреднува сиот вложен труд на ученикот во текот на целата школска година, а притоа не се проверува критичкото знаење и квалитет. На овој начин, се девалвира успехот кој ученикот претходно го стекнал, а се анулира и трудот на Наставникот кој му помогнал на ученикот да го постигне тој успех. Сметаме дека резултатите добиени од овој вид на тестирање влијаат негативно на општиот успех на ученикот, и ја поразуваат целта поради која екстерното тестирање е првично воведено“, потенцираат учениците.

 

Поврзани новости