Средношколците и студентите денеска на протест

by fokus

Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС) денеска пред Министерството за образование и наука организира предупредувачки протест за да го актуализира нивното барање за олеснување на полагањето државна матура.

На протестот ќе се придружи и движењето „Студентски отпор“ од каде што соопштија дека ќе го искажат нивниот револт зашто институциите, како што велат, немаат слух за повеќемесечните барања на студентите.

ОДАС соопшти дека целта на протестот е да се истакне значењето на нивните ставови во врска со државната матура и да се забрза носењето соодветно решение. Тие од Владата и Собранието побараа годинашната генерација матуранти да имаат скратен обем на материјал за завршниот испит или да се намали бројот на интерни испити.

-Бараме намалување на обемот на материјалот предвиден за полагање на матурата или скратување на еден интернет предмет. Тоа се должи на два најголеми фактора во последните четири години – бевме зафатени со корона-кризата и имавме година и пол онлајн-настава и дојавите за бомби. Во меѓувреме имаше и други фактори, велат средношколците.

Во најавата за придружување кон средношколскиот протест, движењето „Студентски отпор“, пак, наведе дека е „крајно време студентот да се избори за своите права и да го искаже револтот на улица, кога институциите немаат слух по повеќемесечните барања на студентите“.

Во причините за нивниот револт ова студентско движење ги наведува: постојано доцнење на исплатата на стипендиите и на студентскиот оброк, нетранспарентно договарање на цената за субвенционираниот студентски оброк од 140 денари – износ кој, како што велат, е деградирачки во услови на висока инфлација, како и маргинализирање на студентите.

-Мизерни услови за студирање на факултетите, со прокапани покриви, неисполнети ветувања за реконструкција на студентските домови, труење со храна и мизерен оброк во студентските домови, континуиран одлив на мозоци на високообразовани млади луѓе, соопшти „Студентски отпор“ и најави дека ќе организира масовни демонстрации додека не биде исполнето тоа што студентите го бараат.

Поврзани новости