Средниот прст како начин на комуникација

by lali

Во овој момент на владеење на партијата на Груевски, тие веќе се сметаат за богови. Таа разузданост, разлулареност и простотилак доаѓаат оттаму што парите и моќта на несвесниот човек му удираат в глава. Тој почнува да мисли дека ниеден закон не важи за него, дека ниедна човечка особина не мора да биде и негова, дури дека е бесмртен и за него не важи дека еден ден ќе заврши три метри под земја како храна за црвите. Ова е последната мошне сурова и грубо речена вистина, на која никој од нив не сака да мисли. Вклучувајќи го тука и Пишев со средниот прст напикан в уста. Кој да се огради од неговите постапки, ви се молам. Илија Димовски или Никола Груевски, можеби Силвана Бонева или Даниела Рангелова. Кој да се огради? Тоа што и тие не го користат средниот прст, наместо добро утро и добар ден, не значи дека преку други гестови веќе не се во допир со стварноста. Само ако се премота лентата од последната седница на собранието, Илија Димовски настапува со говор полн со омраза, насилие, стисната уста и тело во грч, заканувачки глас, пророчки најавувајќи што ќе се случи на наредните избори. Тоа што не го покажува средниот прст, не значи дека не се сложува со пораката на Пишев и со неговата храброст на тој начин да ја покаже својата моќ и недопирливост. Но, тие се далеку од пророци. Пророкот го напишал ова што им се случува на луѓето, веројатно најцитираниот писател на светот кога станува збор за поделбата на човек и политичар, вклучувајќи го прашањето политичарот, човек ли е. Најважната порака во „Животинска фарма“ на Орвел не е сите животни се еднакви, но некои животни се поеднакви од другите. Туку, тоа е последниот пасус од книгата кога луѓето и животните ќе се обединат, сѐ додека не се напијат и не почнат да си се дерат едни на други. Острата кавга станува сѐ побучна, се вреви, се удира по масата, се гледа остро и сомничаво. Дванаесет гласови бесно викаат и сите се еднакви. Погледот на животните што гледале од страна се пренесува од свињите на луѓето, од луѓето на свињите: но, веќе било невозможно да се распознае кој е свиња, а кој човек.

Опасноста да се загуби секаков допир со стварноста предизвикано од неспособноста да се носи моќта е замка во која се фатија сегашните функционери. Тоа дека на многумина од нив не им е местото во пратеничките и во други столчиња, чија удобност треба да се заслужи, не е нова тема. Пишев е само експлицитен, а лесно е да се претпостави како реагира на ваквите негови потези бившиот премиер. На неговото лице се појавува една лицемерна насмевка, која одобрува, кога веќе не осудува. Тој не мисли дека културата, добронамерноста и достојната биографија, во склад со однесувањето, треба да ги краси неговите пулени. Напротив. Верува дека простотилакот народот повеќе ќе го сфати и слично на него потсвесно ќе го одобри, ќе го смета за храброст, и на крајот за духовит и безобразен во рамки на посакуваното.

Никој од партијата нема да се огради од Пишев, уште помалку да го осуди, ниту да го предупреди, зашто секој од нив на свој начин на јавноста ѝ покажува среден прст, вклучувајќи ја тука и меѓународната. Еден поган збор е среден прст, една закана е среден прст, една уцена е среден прст, среден прст е секој закон донесен на прек суд, сите тие на различни начини по стопати на ден покажуваат среден прст, не во пратеничките клупи, туку пошироко, на секое место и во секое време. Во нивни раце е огледалото на ѓаволот, кое голта сѐ што е добро и убаво. Она што падна и се скрши на стотици илјади парченца, им влезе во очите на луѓето, по што тие гледаа сѐ наопаку, ако им влезе во срцето, им се претвора во парче мраз, а некои парчиња се толку големи, што станаа прозорци. Низ нив не е добро да се посматра светот. Злото се смее, може стомакот да му пукне од смеење. Пишев пак ќе мавта со средниот прст. Прво мавташе во воздух, па го голтна, и никој не може да предвиди каде ќе заврши неговиот прст наредниот пат. Секој што може да процени карактер, тоа ќе го види по само еден поглед фрлен на граѓанинот Пишев, не на пратеникот Пишев. Тој никогаш не сфатил дека носи јавна функција, никогаш не излегол од филмот на земјопоседник, трговец, хотелиер и сѐ што не може да каже со зборови зашто ги нема, ќе го замаскира со скандал. Бидејќи не може да го сврти вниманието врз себе со добро дело, ќе сврти со вулгарност зад која се крие намера: што ми можете! Во ниту еден прирачник за говор на телото не постои објаснување за тоа што значи употребата на среден прст на јавно место. Постои објаснување за секоја друга гестикулација или гест, освен за таа. Се смета за недостојно воопшто да се зборува за неа.

Но, треба да запомниме. Ова ќе се повторува за да се покаже дека нивното однесување не подлежи ниту на осуда, ниту на казна, дека тие се над сите закони и над сите правила на однесување. Допрва секоја немоќ ќе биде манифестирана со насилие, вербално и физичко. Прстот на Пишев, крстот на Тодор Петров, двоглавиот орел на Ахмети, металната шипка што заигра во пицерија се почеток. Ќе се колнат дека се на европски пат, а ќе бидат на колски пат, нацртани од Европејката Ермира до Австралиецот Петров, сите околу еден глупав кружен тек. Тоа се специјални кружни текови. Со нив човекот се врти во круг. Не водат никаде, најмалку во Европа. Тркалото во калта не може да се сврти, а да не ги испрска со кал сите што му се во близина.

Поврзани новости