Средба Заев-Радев: Поддршка од Бугарија со очекување да се решат отворените прашања

by fokus

Перспективата за постигнување на реален исчекор во процесот на европската интеграција на Република Северна Македонија, била во фокусот на денешната средба на премиерот Зоран Заев и претседателот на Бугарија Румен Радев на завршницата на Самитот на НАТО во Брисел. На средбата е договорена посета на премиерот Заев на Софија, која е предвидена да се случи оваа недела.

Како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, бугарскиот претседател Радев ја подвлече принципиелната и континуирана поддршка за иднината на Република Северна Македонија во ЕУ, како и очекувањето на Бугарија за непосреден и активен политички дијалог низ кои ќе бидат разрешени отворените прашања во меѓусебните односи.

-И Румен Радев и Зоран Заев го истакнаа позитивниот знак во односите меѓу двете земји, што шефовите на државите на Република Бугарија и на Република Северна Македонија го постигнаа со нивната заедничка посета во мај на Рим и Ватикан, за да им оддадат почит на светите браќа Кирил и Методиј, се посочува во соопштението.

На средбата, како што се наведува, е истакната и заедничката волја за постигнување одржливи резултати во градењето добрососедски односи меѓу Бугарија и  Северна Македонија, за исполнување на очекувањата на граѓаните во двете земји.

Билатералното партнерство во областа на безбедноста и одбраната, и можноста за проширување на соработката во областа на воената обука и размената на кадети меѓу двете земји, беше исто така дел од темите за кои во Брисел разговарале премиерот Заев и бугарскиот ретседател Радев.

Поврзани новости