Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска се сретна со белгиската амбасадорка Аник Ван Калстер со која разговараше за актуелната политичка криза во Македонија.
На средбата, како што соопшти СДСМ, заеднички е констатирано дека целосното повлекување на аболицијата било неопходно во напорите за обезбедување на еднаквост на правдата, како и за изнаоѓање мирно решение на кризата.
Лидерот на СДСМ истакнал дека е потребно што поскоро да се организира Влада според предвиденото во договорот од Пржино, којашто преку прецизни рокови ќе може да ги обезбеди потребните услови за фер и регуларни избори во Македонија.
“Тоа се пред утврдување Избрачкиот список и објективно медиумско известување. Со политичка волја ова е брзо и практично изводливо, со што изборите би можеле да се одржат наесен. На граѓаните им е потребна стабилна и чесна Влада избрана на веродостојни избори”, рекол Заев.
На средбата, како што се наведува во соопштението, е разговарано и за потребата од функционирање на независни институции во Македонија, како што е Специјалното јавно обвинителство. Во тој контекст, Заев истакнал дека поради тоа бараат Уставниот суд што побрзо да се изјасни за уставноста на Законот за СЈО, со што би се овозможило оваа институција ефикасно да ја заврши својата работа.
Двајцата соговорници заеднички констатирале дека граѓаните заслужуваат подобар живот, а Република Македонија место во ЕУ и НАТО.