Средба на Иванов со амбасадорите од ЕУ: Статус квото не смее да продолжи

by Fokus

Претседателот на државата Ѓорге Иванов денеска одржа работна средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Македонија, на која биле разменети мислења за актуелните случувања во земјава, по определувањето на мандат за состав на Владата.

– Потребно е Европската унија да направи исчекор и да определи датум за почеток на пристапните преговори со Република Македонија. Отворањето на преговорите во поглавјата 23 и 24 за правосудство, основните права, правда, слобода и безбедност ќе го дадат неопходниот поттик за интензивирање на реформските процеси. Статус квото не смее да продолжи. Нам ни е неопходна трансформирачката моќ на пристапниот процес, како и обединувачката моќ на процесот, за соочување со длабоката политичка поларизација во земјата – рекол претседателот Иванов на средбата.

Тој ја повторил потребата лидерите на парламентарните партии да покажат одговорност и да ја обноват посветеноста за европска и за евроатлантска Македонија, а приоритет да се даде на закони и решенија од европската агенда.

Амбасадорите на земјите членки на Европската Унија ја поздравија одлуката на претседателот Иванов за доделување на мандат за состав на Влада на Република Македонија, со што се отвора можноста за нормализација на состојбите и политичка стабилност во земјата.

На средбата беше истакнато взаемното очекување новата влада во своите приоритети да ја има ЕУ агендата, односно реформите кои ќе ја забрзаат интеграцијата на Република Македонија во ЕУ.

На средбата беа разменети мислења и информации за клучните предизвици со кои се соочува  Македонија и целиот регион, како што се мигрантската и безбедносна криза, екстремниот радикализам, растечката националистичка реторика во регионот.

Поврзани новости