Србија приреди спектакл, што и е потребно на Македонија?

by Fokus

Србија приреди спектакуларно шоу од светски ранг на кое вчера го избра својот евровизиски претставник, Констракта, односно Ана Ѓуриќ со песната ,,In Corpore Sano”.

Со Моќна песна која мора да се слушне и по неколкупати, стихови кои имаат скриено значење и може да се толкуваат на повеќе начини, Србија ќе се претстави на Евровизија 2022 во Италија, а на страниците посветени на музичкиот настан, прогнозите за висок пласман се повеќе растат. Но, она по кое српскиот избор на песна за Евровизија годинава ќе остане запамтен, не е само песната кој освои најголем број на поени од публиката, односно околу 50.000 гласа, и најголем број на поени од стручното жири составено од познати српски композитори, новинари и музичари.

Сцената на која се одржаа двете полуфинлни вечери, а вчера и финалето, неверојатната кореографија, светлосни ефекти, шармантните и професионални водители кои изгледаа гламурозно, сето тоа беше доволно целиот регион да и симне капа на Србија за одличната организација.

Зошто Србија може да направи ваков музички спектакл, на кој можат да позавидат и развиените земји и светски популарните музички фестивали, а изборот на песна за Евровизија во Македонија секоја година е разочарување за поголемиот дел од јавноста? Низа на прашања во тој контекст се вртат по социјалните мрежи, а генералната порака е дека Македонија може ,,да и носи вода” на Србија, кога е организацијата на настанот во прашање.

Како потсетување, Македонската Радио Телевизија е носител на лиценцата за Избор на Песна на Евровизија. Според одлука МРТ, земјава годинава имаше избор на песна за Евровизија во кое по подолга пауза беше вклучена и публиката со онлајн гласање. На крај, на победникот беше избран во емисија на МРТ, по принцип 50 проценти гласови од публика и 50 проценти гласови од стручно жири од странство, а во случајот, поради изедначен број на гласови, одлучувачкиот збор го имаше жирито. Емисијата беше снимена во студио, а за сценографијата, односно за целиот пакет кој им се понуди на гледачите, ретко можеше да се прочита позитивен коментар или пак комплимент за организацијата.

Зошто Македонија не може да организира домашен избор во кој ќе ужива јавноста, наместо секоја година МРТ да биде соочена со незадоволството на народот и критики, раскажа Мери Попова, уредник на културно-уметничката програма на МТВ1 и шефица на евровизиската делегација од 2012 (со два прекина). Набргу по изборот на нашиот претставник, Андреа, во разговор за Независен Мк, Попова појасни дека никогаш не може да се задоволи вкусот на целокупната јавност, но и објасни зошто немаме фестивал на кој ќе може да се претстават повеќе кандидати, а и да се приреди едно забавно шоу за уживање.

Според неа, подучени од лоши искуства од минатото, кога се избираше претставник на Скопски Фестивал, тие се решиле на новиот модел на избор на претставник и песна за Евровизија. -Поучени од навистина долгогодишни искуства на организирање евровизиски манифестации, натпревари, Скопски фестивал, кога бевме сведоци на масовно купување картички за телефонско гласање и обиди за организирано нерегуларно гласање, сфативме дека е многу лесно да се организира гласачкото тело, особено во мала земја како нашата.

На крајот, се сведуваше на тоа – кој има повеќе и кој ќе се организира подобро. За жал, присетете се, најчесто тоа не беше мислењето на целокупната јавност, па повторно ние бевме виновни за крајниот исход- изјави Попова за Независен минатиот месец. Пред четири години пак, кога Македонија по шести пат по ред не успеа да се пласира во финале, мислењето на Попова беше објавено на официјалниот сајт на јавниот сервис.

-Не можеме да очекуваме спектакуларен резултат во услови кога севкупниот евровизиски проект на Македонија, чини помалку дури и од употребените пиротехнички ефекти на некои од земјите учеснички на изборот, но и со оние услови со коишто располагаме секој член од делегацијата се вложи максимално, за да го извлечеме најдоброто од овој проект – појаснуваше тогаш шефицата на нашата делегација.

Инаку, годинава на Конкурсот на МРТ пристигнале 47 композиции. Жирито кое ги избра шесте композиции претставени во јавност беше во состав од Мери Попова, Зоран Мирчевски, Биљана Николовска, Александра Јовановска, Јана Бурческа , Маја Трпчановска и Ардита Имери. Победничката композицијата и авторско-изведувачкиот тим кој победи во натпреварот, односно Андреа, од МРТ доби износ од 2.000 евра, наменети за финална постпродукција и мастеринг на песната.

Вики Клинчарова

Поврзани новости